Бомба во најава: Меси почнал да учи француски – се спрема за трансфер во ПСЖ!

Аргентинската суперѕвезда Лионел Меси најави дека на крајот на сезонава ќе реши дали ќе остане во Барселона или ќе си замине како слободен играч, откако ќе му заврши договорот со Каталонците, ама полека станува сѐ поизвесно дека освојувачот на шест „златни топки“ ќе се пресели во Пари Сен Жермен.

ПСЖ е една од потенцијалните дестинации заедно со Манчестер сити, зашто само овие два клуба изградени од петро-доларите на шеиците од арапскиот свет може да му ја дадат огромната плата од 50 милиони евра.

Откако пред повеќе од два месеци угледното радио „Монте Карло“ (РМЦ) објави дека Меси сигурно ќе дојде во ПСЖ, сега се појавија информации дека Аргентинецот веќе учи француски за полесно да се прилагоди на новиот дом. Оваа информација ја објави новинарот Жефри Гаретие, новинар во телевизијата „Канал плус“.

„Зошто Лео учи француски, ако оди во Манчестер сити или ќе остане во Барселона? Нема смисла и е нелогично. Оваа информација која можам да ја потврдам е од многу релевантен извор“, објавил Гаретие.