Македонија во наредната година ќе биде домаќин на три големи меѓународни џиу џицу првенства
Џиу Џицу Федерацијата на Македонија доби доверба од Европската џиу џицу унија за организација на три големи меѓународни натпреварувања во 2027 година, што претставува значајно признание за македонскиот спорт и досегашната работа на федерацијата.
Одлуката беше официјализирана за време на посетата на претседателот на Европската џиу џицу унија, Мајкл Корн, и потпретседателката Дана Мортелманс, кои на 26 ноември престојуваа во Македонија. Во рамките на посетата беа разгледани сместувачките капацитети и спортската инфраструктура на СЦ „Борис Трајковски“, а беше одржана и средба со министерот за спорт, Борко Ристовски, на која се разговараше за организациските подготовки за претстојните првенства.

Скопје во септември 2027 година ќе биде домаќин на три натпреварувања:
„Балкан Опен“ – рангиран турнир на кој ќе се освојуваат бодови за светската ранг-листа, како и квалификациски бодови за Светските игри во 2029 година. Ќе настапат натпреварувачи во категориите до 16, 18, 21 година во сите дисциплини.
Балканско првенство за категориите до 10, 14 и 16 години, кое нема да носи ранкинг-бодови.
Европско првенство во контакт џиу џицу, наменето за категориите до 16, 18 и 21 година.
Договорите за организација на трите првенства ги потпишаа претседателот на Европската џиу џицу унија, Мајкл Корн, и претседателката на Џиу Џицу Федерацијата на Македонија, Катерина Бошковска.

Домаќинството на овие три големи натпреварувања е историски успех за македонското џиу џицу и можност земјата да се афирмира како значаен организатор на меѓународни спортски настани. Воедно, се очекува во Скопје да пристигнат бројни натпреварувачи, тренери и спортски делегации од повеќе европски и балкански земји.
Од федерацијата изразија благодарност до Европската џиу џицу унија за укажаната доверба, како и до Министерството за спорт за поддршката во реализацијата на овој значаен спортски проект.
Со доделувањето на организацијата на трите првенства, Македонија добива можност да се претстави пред меѓународната спортска јавност и да го потврди својот потенцијал за организација на натпреварувања од највисоко ниво.