Барса не ги прави грешките на Реал - го среди Албасете за полуфинале во Купот (ВИДЕО)

Таму каде што Реал се лизна и доживеа срамна елиминација пред три недели, Барселона денеска релативно лесно излезе на крај.

„Каталонците“ го победија второлигашот Албасете на гостински терен со 2-1 и се пласираа во полуфиналето од Копа дел Реј, а со тоа и ја продолжија одбраната на трофејот во тоа натпреварување. Барса се тресеше во последните моменти кога Албасете се закани со израмнување, но сепак ја сочува предноста и заслужено оди меѓу четирите најдобри.

Евидентно беше дека гостинските фудбалери ги чуваат силите, па во првото полувреме направија само две шанси - едната ја пропушти Рашфорд, а втората во гол ја претвори Јамал. Во вториот дел Араухо зголеми на 2-0 и се чинеше дека тука е крајот на сите надежи на Албасете за нова сензација. Но, домаќините не се предадоа, продолжија да притискаат и Морено во 87. минута намали на 1-2. Сепак, време за нов гол немаше и Барса дојде до победата.

Останатите три екипи кои ќе играат во полуфиналето од Копа дел Реј ќе бидат познати во следните два дена.