Барди влезе во историјата на Леванте: Не ни сонував дека ќе одиграм толку мечеви во Ла Лига!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди влезе во историјата на Леванте како четврти фудбалер со најмногу настапи за шпанскиот клуб во елитната Ла Лига, откако мечот со Атлетик Билбао му беше 126-ти во кариерата, откако во летото 2017 година дојде од унгарски Ујпешт за само 1,5 милиони евра.

Барди откако дојде во Леванте се покажа како најдобриот трансфер на клубот зашто за „смешни пари“ во оваа модерна ера во која се вртат огромни суми за трансгфери, па освен што се промовира за еден од најдобрите шутери на слободни удари, најдобар стрелец и странец во историјата, сега Барди стигна да биде четврти фудбалер со најмногу мечеви во Ла Лига. Пред него се Моралес со 223, Роџер со 159 и Хаунфран со 153 настапи.

„Гордост е да се биде дел од историјата на овој клуб, да бидете дел од друштвото со Педро Лопез, Роџер, Моралес, Хуанфан... Јас на Педро му реков дека не ни сонував дека ќе стигнам да одиграм толку многу мечеви. Јас сум многу среќен во Леванте и ќе направиме сѐ за да опстанеме, зашто навивачите го заслужуваат тоа. Никој не ни размислува да се предаде во оваа битка и да го напушти бродот“, вели Барди.

Барди месецов испиша нова историја со Македонија, откако сѐ почна со пласманот со младинците на Евро 2017 во Полска по што следуваше неговиот трансфер во Леванте, а потоа дојде кулминацијата со дебито со Македонија на Еуро 2020 летово, а сега со црвено-жолтите ќе играат мундијалски бараж за пласман на СП во Катар догодина.

„Ова е една прекрасна година за мене со репрезентацијата. Игравме на Европско првенство за првпат, а сега сме во баражот за Светско првенство. За мала земја како Македонија ова е многу голем успех“, вели Барди, кој во Ереван на дебито како капитен даде хет-трик и стана само петтиот фудбалер во историјата на македонската репрезентација кој дал три гола на еден меч.

Барди неодамна после завршувањето на мундијалските квалификации беше избран во идеалниот тим, со четврта најголема оценка во целиот циклус зад Мемфис Депај, Хери Кејн, Роберт Левандовски и Душан Тадиќ.