Анчелоти збесна: За два месеца се гради куќа, а тие не можат една соблекувална да средат!

Тренерот на италијанскиот вицепрвак Наполи и шеф на македонскиот бисер Елиф Елмас, Карло Анчелоти збеснал кога ја видел состојбата на стадионот „Сан Паоло“ во Неапол, домот на неговиот тим, па гневно и бурно ги нападнал градските власти дека не мрднале со прст во најавите дека ќе ги модернизираат соблекувалните.

Од поодамна во Наполи се гневни за состојбата на „Сан Паоло“, кој практично се распаѓа, а првиот човек Аурелио Де Лаурентис на почетокот на летово го нарече стадионот дека е еден голем – јавен нужник.

„Ги видов условите во соблекувалната на 'Сан Паоло' и што да кажам – без зборови сум. Јас го прифатив барањето првите два меча во сезоната да ги играме на гости (Фиорентина и Јувентус – н.з.) за соблекувалните да бидат подготвени за мечот со Сампдорија, па со Ливерпул во ЛШ. Ветено беше дека ќе биде завршена работата, затоа и прифатив. И? Па куќа се гради за два месеци, а тие за толкав период не може едни соблекувални да реновираат?! Сега каде да ги играме мечевите со Сампдорија и Ливерпул? Многу сум бесен, пред се на непрофесионалноста на тие што ова требаше да го сработат. Дали регионот, градот би заборавиле на нашите обврски кон нив? Многу рум разочаран. Ова е непочитување и кон клубот и кон градот“, рекол Анчелоти.

После жестикиот напад, Чиро Бориело, главен во секторот за спорт во Неапол му одговорил на Анчелоти да не се грижи, зашто до сабота соблекувалните ќе биле фантастични.

„Јас морам да кажам дека регионот се обврза да го реконструира стадионот, а не градската управа. Но, јас бев во инспекција на стадионот и видов дека освен некои ситници, сето останато е во ред. Во сабота Наполи ќе може да се пресоблече во нормална и обновена соблекувална“, вели Бориело.

Сега останува да се види што од градот сметаат дека е обновена соблекувална, а што Анчелоти и Наполи барале како комфор и дали сето тоа е испочитувано.