Алонсо не си заминал поради поразот од Барса – го „избркале“ три ѕвезди на Реал!
Иако првичните информации од шпанските медиуми посочуваа дека токму поразот во „Ел Класико“ бил пресуден, англиските медиуми изнесоа поинаква верзија. Според нив, отказот на Алонсо бил резултат на сериозни несогласувања со дел од играчите и нарушени односи во соблекувалната. Како што пренесуваат островските медиуми, тој влегол во жестоки расправии со Винисиус Жуниор, а незадоволство од работата на тренерот изразиле и Џуд Белингам и Федерико Валверде.
Винисиус бил фудбалерот кој најчесто влегувал во конфликти со Алонсо, што дополнително ја нарушило хемијата во тимот. Белингам, наводно, не бил задоволен ниту од тактичките решенија ниту од својата минутажа, додека Валверде имал несогласувања со Алонсо најчесто за време на тренинзите, особено околу одредени задачи кои не му одговарале. Сето тоа укажува дека атмосферата во Реал била нарушена подолго време, а проблемите кулминирале во последните два месеца.
Шпекулациите за можен заминување на Алонсо започнаа уште кон крајот на ноември 2025 година, а дел од шпанските медиуми тогаш предупредуваа дека ситуацијата може да излезе од контрола доколку играчите ја преземат главната улога во клубот. Очигледно, токму тоа и се случило. И покрај тоа што се споменуваа повеќе звучни тренерски имиња, управата на Реал одлучи тимот да му го довери на уште еден поранешен фудбалер на клубот – Алваро Арбелоа. Арбелоа од јуни 2025 година е тренер на Кастиља, а целата своја тренерска кариера ја мина во младинската школа на Реал од 2020 година наваму, освојувајќи бројни трофеи со младинските селекции.
Како играч, Арбелоа беше дел од една од најуспешните ери на Реал Мадрид. „Кралскиот клуб“ го носеше од 2009 до 2016 година и одигра 238 официјални натпревари, оставајќи длабока трага во историјата на клубот.
ФОТО: EPA PHOTO