Алиоски одигра девет минути, Лидс успеа од водство со 3-0 да освои само – бод!

Серијата од седум победи во низа на англиски Лидс заврши денеска и тоа на неверојатен начин по кој „лудакот“ Марсело Биелса допрва ќе збесне на своите избраници, меѓу кои е и репрезентативецот на Македонија, Езгјан Алиоски, откако успеаа да прокоцкаат три гола предност и да освојат само бод.

Лидс имаше сигурна победа по еден час игра со Кардиф, водеше ссо 3-0, а потоа им се случи нешто неверојатно. Откако Томлин во 60-та минута намали на 3-1, никој на „Иланд роуд“ не веруваше дека можно е Лидс да не победи. Ама, на крајот сите навивачи останаа во шок. И тоа успеаа да примат трет гол со играч повеќе. Морисон во 82-та погоди за втор гол, а потоа доби црвен картон на четири минути пред крајот, а само 60- секунди Глацел израмни.

Алиоски доби шанса да игра во последните девет минути, по кои следеше лудата завршница и крај на серијата на Лидс, кој четири меча по ред немаше примено гол и за пола час во завршницата успеа да прими три.

Лидс со бодот сега по 22 рунди заостанува два боа зад лидерот ВБА, ама има убедливи десет повеќе од третиот Престон. Првите две екипи обезбедуваат директен пласман во Премиерлигата, додека четирите од третото до шестото место, разигруваат за последното место преку плејоф.