„Алиоски многу ни недостига во Лидс, ама тоа го сфаќаме сега откако си замина“!

Легендарниот фудбалер на Лидс, Тони Дориго, кој шест години го носеше белиот дрес на „Иланд Роуд“ во периодот од 1991 до 1997 година (171 меч) во колумна за „Јоркшир Пост“ посочи дека слабата сезона на Лидс споредбено со ланската се должи меѓу другото и на заминувањето на македонскиот репрезентативен лев бек Езџјан Алиоски.

Алиоски мина четири години во Лидс, три во Чемпионшип и една во Премиерлигата и беше стандарден кај Марсело Биелса, а стана омилен кај навивачите поради лудориите и посветеноста да „изгине“ за дресот на англискиот премиерлигаш. Дориго, кој инаку е и поранешен англиски репрезентативец (15 настапи од 1989 до 1993), сега смета дека на Лидс му недостига Алиоски од многу два клучни аспекти – карактерот и енергијата која со себе ја носи!

„Кога зборуваме за играчи со карактер, Џани Алиоски е еден од тие кој многу значеше за тимот, за навивачите... И понекогаш одредени фудбалери не се ценети колку што е потребно, а кога ќе си заминат сите го сфаќаат тоа. И таков е случајот со Алиоски. Дали Џани е најдобар лев бек? Далеку од тоа, ама тој за овој клуб кога играше даваше сѐ од себе и на тимот му даваше посебна димензија.

Зашто ова го зборувам, Алиоски е фудбалер со огромна енергија, човек кој може да го 'разбуди тимот', фудбалер кој за каузата ќе направи сѐ, а во случајот за Лидс беше подготвен на сѐ. Дури тоа да станува збор за еден дуел, за една лудост што ќе ја направи. И ако ја погледнеме сезонава досега, ако бараме нешто во неа, нема, празно е, а на овој тим му недостига нешто, во случајот очигледно е тоа Алиоски“, пишува Дориго, кој има нас 100 настапи и за Астон Вила (1983-1987) и за Челси (1987-1911).

Алиоски летоска како слободен играч си замина од Лидс и потпиша за саудиски Ал Ахли, а на негово место за 15 милиони фунти дојде Жуниор Фирпо, но не ја убеди досега англиската јавност дека е подобро решение од Алиоски на лев бек, а проблем повеќе е што има и мака со повреди, за разлика од македонскиот репрезентативец кој лани во 90 отсто од мечевите беше стартер и не запре со трчање на мечевите, патем даде и три гола и запиша три асистенции.

Левиот бек откако со Македонија испиша нова историја со пласманот во мундијалскиот бараж доби еден куп пофалби и честитки од Англија и навивачите на Лидс, кои не го забораваат, зашто без оглед и на безбројните критики, им беше еден од најомилените ликови во тимот, а и соиграчите го обожуваа зашто беше „диригент за добра атмосфера“.

Лидс сезонава по 12 кола, безмалку третина од сезоната, има само 11 бода (две победи, пет ремија и пет порази) и е прв над зоната за испаѓање, два бода пред Барнли, а три пред Норич.