Алексис Санчез испратен на клупа со „овации“ од „Олд Трафорд“

„Изгледа како Манчестер јунајтед да  потпишаа со братот близнак на Алексис Санчез“, изјави Мартин Кион по натпреварот помеѓу Манчестер јунајтед и Валенсија што синоќа се одигра во рамки на Лигата на шампиони. 

Легендата на Арсенал е во право, овој Санчез што игра за Манчестер јунајтед не е ни бледа сенка од оној фудбалер кој беше страв и трепет за противничките одбрани кога го носеше дресот на „топчиите“, па и претходно оној на Барселона и Удинезе.

Чилеанецот и синоќа против Валенсија не блескаше, а во 76-тата минута, Жозе Мурињо оправдано го извади од игра. При неговото напуштање на теренот од трибините на „Олд Трафорд“ се слушаа овации. Интернет заедницата  е поделена околу аплаузите за Алексис Санчез.

Едни се дека навивачите го брзале фудбалерот што побрзо да го напушти теренот, други дека тоа било знак на охрабрување по слабата игра. На каква мисла и да се навивачите на Манчестер јунајтед, факт е дека Санчез не покажува ни 10 отсто од неговиот квалитет во дресот на „ѓаволите“.

Тој откако дојде во Манчестер во јануари минатата година, делува како потпросечен играч, а неговата плата изнесува 505.000 фунти неделно. Последен пат постигна гол за Јунајтед на 21 април во полуфиналето на ФА Купот.