
Ал Келаифи ќе го сели ПСЖ на нов стадион за кој ќе „фрли“ – една милијарда евра
Катарецот веќе имал готов проект за реновирање и модернизација од пола милијарда евра, ама градоначалничката Ане Хидалго не сака да им го продаде белегот на Париз, како еден од маркантните симболи на градот, па сега Ал Келаифи прави планови за преселба на нов свој стадион кој планира да го изгради.
„Стадионот не се продава на ПСЖ тоа е конечен и цврст став, зашто 'Паркот на принцовите' е културно наследство на градот. Ние може да го поддржиме ПСЖ во желбата за обнова и реконструкција, модернизација, но не може да се копа“, вели Хидалго.
Првата опција е на „Стад Д'Франс“, но проблем е што користењето на стадионот е прескап и неисплатливо е играњето таму, па сега опцијата која беше можеби и план Ц се активира како прв план – изградба на нов стадион. Планот е да се гради некаде на периферијата на Париз и таму ПСЖ преку Ал Келаифи да инвестира до една милијарда евра за да изгради супермодерен фудбалски храм, кој ќе носи и приходи.
Актуелниот дом на ПСЖ има капацитет од 48.000 гледачи, а сега се најавува дека околу 60.000 би бил новиот стадион, освен ако не се најде некое компромисно решение за „Паркот на принцовите“ и после 50 години, ПСЖ да продолжи да си игра мечеви на него.