Абердин го купи Миовски од МТК за – 624.000 еврa!

Младиот македонски репрезентативец Бојан Миовски, кој лани во октомври дебитираше за А-репрезентацијата, а неодамна против Гибралтар ги даде сефте головите во националниот дрес, од вчера е нов член на шкотски Абердин со кој потпиша четиригодишен договор.

Миовски после две сезони во МТК Будимпешта, која изминатава сезона испадна од унгарската елита сега прави чекор понапред во кариерата и ќе игра во Шкотска и тоа клубот кој има голема традиција, бивш шампион, освојувач на КПК од ерата кога славниот сер Алекс Фергусон ги водеше од 1978 до 1986 година.

Шкотите за трансферот на македонскиот репрезентативец платија точно 624.000 евра (536.000 фунти), открија медиумите на Островот, а Миовски е трето засилување за Абердин кој севкупно досега во овој преоден рок потрошил нешто под еден милион фунти (1,1 милион евра).

Покрај Миовски, за Ричардсон се платени 300.000 фунти, а за Рамадани, кој исто така го земаа од МТК за 100.000 евра.

Штипјанецот кој од Ренова се пресели во МТК беше младински репрезентативец кај Благоја Милевски, кој откако лани во август го презема кормилото на А-репрезентацијата, постојано го повикува напаѓачот и тој во октомври лани во Лихтенштајн го запиша дебито, а на 12 јуни годинава даде два гола во победата со 4-0 против Гибралтар.