За Вардар нема друг избор во Струмица освен победа!

Откако вчера Шкендија ја завери есенската титула на спектакуларен начин со убедлива победа во тетовското дерби со Ренова (6-1), за македнскиот шампион Вардар нема друг избор освен победнички да ја мине Струмица на денешното гостување кај третопласираната Академија Пандев, во најинтересниот денешен прволигашки меч.

Иако на програмата е претпоследното 17-то коло во Првата лига, вардарци во Струмица гостуваат во рамките од одложениот дуел од осмата рунда, а дуелот доаѓа само 48 часа по враќањето на црвено-црните од Русија и дуелот со Зенит (1-2) во Лига Европа. Пред Вардар против дебитантот во елитата е тешка задача за да се остане близу до тетовци за пролетната офанзива кон новата шампионска титула. Ова е прв дуел во историјата на пандевци со најтрофејниот македoнски клуб, а се очекува стадионот „Младост“ да биде преполн за дербито, на кое ќе присуствуваат и најверните вардарови навивачи Комитите.

Шкендија во моментов има 14 бода предност и математички, ако Вардар победи се до крајот, а го очекуваат уште три дербија (со Шкупи на гости и со Академија Пандев и Работнички на „Филип Втори“), разликата би била достижни пет бода пред пролетните нови 18 кола во Првата лига. Но, секој кикс на Вардар во следните четири дуели, почнувајќи од денеска ќе значи нов чекор наназад во трката со Шкендија и многу помачна пролет во која се нема да зависи само од актуелниот фудбалски владетел во земјава. Патем, Вардар во овој густ распоред до 17 декември има уште две дербија во осминафиналето на Купот со Шкупи (29 ноември и 17 декември), како и еден меч во Лига Европа на 7 декември со Розенборг.

Дуелот во Струмица го остава во сенка преостанатите три меча на програмата во кои Силекс е домаќин на Работнички, а кратовци имаат желба есенскиот дел да го завршат во зоната за Европа. Скопје има последна шанса да дојде уште поблизу во трката за опстанокот против се послабата во последен период Победа, додека Пелистер против незгодниот Шкупи ќе бара излез од дното, особено и поради неизвесната судбина на клубот откако акционерите веќе ѝ најавиле заминување на општина Битола.

ДВОЈКИ, 17 КОЛО (13 Ч.)

Академија Пандев – Вардар (меч од 8-то коло)

Пелистер – Шкупи

Скопје – Победа

Силекс – Работнички

ВЧЕРА

Ренова – Шкендија 1-6

ТАБЕЛА

Шкендија 43 бода, Вардар 29 (-3), А. Пандев 25 (-2), Силекс 25 (-1), Работнички 20 (-2), Шкупи 19 (-1), Ренова 17, Пелистер 15 (-1), Победа 15 (-1), Скопје 10 (-1).