Во Вардар останаа само тројца првотимци од тимот што напиша историја!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар остана со само тројца играчи од првиот тим, кој лани напиша историја со пласманот и настапот во групната фаза во Лига Европа, откако црвено-црните решија да направат комплетна реконструкција на екипата за следната сезона.

Вардар летово го напуштаат деветмина фудбалери, а уште тројца млади играчи речиси извесно ќе одат на заем, па црвено-црните со други десетмина новајлии ќе се обидат да направат тим, кој летово ќе игра во квалификациите за Лига Европа, а потоа ќе атакува на враќање на трофеите во домашното првенство во новата сезона.

По завршувањето на оваа сезона без трофеј, од Вардар си заминуваат капитенот Бобан Грнчаров, крилото Дејан Блажевски, играчот за врска Вања Марковиќ, ерменскиот репрезентативец Хофханес Хамбарџумјан, левиот бек Дарко Глишиќ и заменикот капитен Никола Глигоров. Плус, клубот го напуштаат и репрезентативецот Дарко Велковски и младинскиот репрезентативец Филип Стојчевски, кои откако одбија да ја продолжат соработката беа префрлени во младинскиот погон уште по стартот на новата сезона.

Ако се додаде дека среде сезона си замина бразилската ѕвезда Хуан Фелипе (Каират), а зимоска и Бобан Николов (Видеотон), Висар Муслиу (Шпендија), Петар Петковски (Работнички), Бесир Демири (Мариупол), како и интернационалците Јамбул Џигаури и Итало, јасно е дека црвено-црните го распуштија буквално целиот тим кој играше во големото друштво.

Од сите тие што напишаа историја (Стефан Спировски замина во Ференцварош по пласманот во Лига Европа), во новата сезона во тимот ќе останат само голманот Филип Гачевски, Евгениј Новак и Тигран Барсегјан, како играчи кои беа стандардни во првиот тим, а тука се уште и Бесир Исени и Владица Брдаровски. Во таборот на црвено-црните останува и зимското засилување Кларенс Битанг, Кристијан Тошевски и Јован Попзлатанов, како и Максим Максимов, кој не играше во европските мечеви поради спорот со Тракаи за трансферот во последниот ден од преодниот рок. Тука се уште и бившиот репрезентативец Горан Попов, голманите Игор Алексовски и Филип Илиќ, како и поголем дел од младинците, кои пролетва добиваа шанса да се наметнат. Од вардаровите надежи, пак, најверојатно на заем ќе одат Бојан Колевски, Тодор Тодоровски и Матеј Цветановски.

Сето ова значи дека во Вардар се подготвува бурен преоден рок со најмалку десет нови имиња, буквално на сите позиции со цел црвено-црните да направат нов тим, кој ќе игра подолго во Европа, со оглед дека во првите две кола Вардар ќе биде носител и ќе има полесни противници, па за очекување е дека третото коло во квалификациите е најмалку што може да очекува вардаровата јавност.

Вардарци главниот дел од подготовките ќе ги одработат од 15 јуни во Словенија, до кога тренерот Бобан Бабунски би требало да го има целиот тим на располагање.