
„Вечните“ ривали го отвораат 25. коло во ПМФЛ: Вардар гостува во Битола!
Овој натпревар ќе биде и единствен од денешната програма, а останатите ќе се играат во понеделник.
Очекувањата се на трибините во Битола да има голем број навивачи, иако навивачката група на Вардар „Комити“ објави дека во знак на почит кон жртвите во трагедијата во Кочани нема да патува во Битола.
Дербито ќе има и хуманитарен карактер бидејќи сите средства од билетите Пелистер ќе ги донира за настраданите во трагедијата. Натпреварот и двете екипи го дочекуваат во добра форма, а на табелата ги дели само една позиција.
Пелистер е седми со 29 бода, додека Вардар со седум бода помалку е осми. На последните пет натпревари и Вардар и Пелистер освоија по девет бода со тоа што Вардар нема пораз и оствари учинок од две победи и три нерешени, додека Пелистер на три натпревари победи и двапати беше поразен.
Дербито започнува со почеток во 15:00 часот. На последниот натпревар во Битола кој се играше сезонава Пелистер славеше победа од 1-0 со голот на Мирко Ивановски во финишот од средбата.