Васоски: Оваа екипа допрва ќе зрее и ќе расте – на пролет очекувам да сме уште подобри!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар со осум бода зимница заминува на двомесечна пауза, како есенски првак, во сезоната во која ама речиси никој не веруваше дека младиот тим има така силен потенцијал да стигне до ваква предност, откако беше прежален, а најголемиот ривал Шкендија посочена како тим кој ќе се прошета по македонските терени.

Вардар денеска ремизираше 2-2 во суперинтересното дерби на Националната Арена „Тодор Проески“ со својот најголем ривал, ја задржа добрата бодовна предност. Кога тргна Вардар во новата сезона на почетокот на август, после сериозната финансиска криза, исфрлањето од Европа од УЕФА, па суспензијата за трансфери од ФИФА, овој тим буквално беше прежален. Почна и со пораз од Македонија ЃП, па со реми со Борец, а на крајот на есенсиот дел оди со сериозна зимница.

„Немаше да верувам некој после тој пораз со Ѓорче на стартот на сезоната некој да ми кажеше дека ќе ја завршиме сезоната со осум бода плус пред Шкендија. Но, како да кажам, овие момци, оваа екипа допрва ќе зрее. Јас сум сигурен дека оваа екипа допрва ќе го покаже вистинското лице. Навистина немаше да верувам пред сезоната за вакво сценарио, ама така испадна и сега со задоволство одиме на одмор“, вели Александар Васоски, кормиларот на Васоски.

Неколку доста искусни фудбалери, многу младинци со голем потенцијал, неколкумина репрезентативци (сениорски и младински) и големо заедништво во соблекувалната го направија Вардар тим, кој не се предава во ниту еден момент. После една полусезона, силниот потенцијал го покажаа, за пет месеци се поискусни, а Васоски верува дека на пролет ќе бидат – уште подобри.

„Одредени фудбалери во оваа полусезона созреаа. Мицевски и Најдовски се во најубавите години, малку се постари од поголемиот дел, па Аврамовски исто така, кој за една година ќе биде уште позрел, потоа Цветановски... Ибиши пред сè, зашто поголем дел од есенва беше повреден, као и Али Адем, кој е исклучителен фудбалер. Од овие деца очекувам во иднина уште подобри игри. Нам зенитот не ни е ова, можеме уште да го пробиеме, а со едни добри организирани подготовки, кои ќе ни бидат многу важни не само за првенството туку и за Европа, мислам дека екипата уште ќе расте и допрва ќе го каже последниот збор“, додава Васоски.

Попладнево Вардар не успеа да ја прекине „црната традиција“ со Шкендија, па и во 12-от меч остана без победа (веќе 26 месеци), а Васоски жали што неговите избраници не успеаа до триумф после две водства.

„Знаете како, сметајте дека денеска игравме без двајцата дефанзивци кои го понесоа товарот оваа есен (Тошевски и Новак – н.з.), можеби денеска децата (Серафимов и Младеновски – н.з.) беа пренервозни, преимпресионирани, сепак, им се наметна психолошки товар, но тие на вакви мечеви созреваат. Немам никаква замерка за нив, иако одиграа под очекувањата, но знаете како – добро е што не загубивме. Остануваме со осум бода! Бевме ослабени, но сите што играа, машки одиграа. Жал ми е што имавме две водства, а не успеавме да ги задржиме, но и вака е добро. Задоволни сме. Сега прво добро да се одмориме, а потоа ќе правиме организација за подготовки и ќе видиме како ќе продолжиме“, посочува популарниот Тетовче.

Цела сезона Вардар го гледаа не повеќе од 300 гледачи, а на завршниот меч првпат имаше неколку илјади, од кои скоро илјада меѓу најверните навивачи. И вардаровиот кормилар апелира од пролет, бројката на приврзаници, посебно меѓу симпатизерите да биде поголем, зашто Вардар го личи да игра пред публика, а и овој тим заслужува поддршка.

„Секој меч на Вардар да има вака публика. Со тоа фудбалерите само ќе созреат. Вардар го личи да има по пет-шест илјади, ама на секој меч, не само со Шкендија. Јас апелирам до неутралните гледачи, Скопје е голем град има скоро еден милион жители, да доаѓаат на мечевите. Ова се млади дечки кои гинат за Вардар! Едноставно, кога гледате Звезда, Партизан, Хајдук..., стадионите им се полни. Вардар го личи да има публика, мора да имаме ние Македонците навика да одиме на стадион. Се игра добар фудбал, јас не се согласувам со фактот дека македонската Прва лига е неквалитетна. Во Шкендија има играчи кои играле ЛШ, во Вардар има фудбалери кои имаат играно во Ц. Звезда, А-репрезентативци, млади играчи со голем потенцијал... Доаѓајте на стадион. Зошто да не дојдам со детето за рака на меч на Вардар?“, посочи Васоски.

Вардар после Божиќ ќе ги започне подготовките, веќе извесно е дека ќе оди во Турција (Анталија) на зимски подготовки, каде стандардно секое зимо се подготвува, а од 16 февруари со домашен меч против Македонија ЃП ќе тргне во пролетната офанзива за титула.