Вардар за малку ќе беше исфрлен од Првата лига!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар во последен момент избегна невиден срам да не ја почне новата сезона во Првата лига, поради тоа што црвено-црните немаа пари да ја платат потребната котизација за настап во „елитата“.

По многуте апели од ФФМ, од каде што се изрезилија и дополнително го одложија стартот на првенството без да ја кажат вистинската причина, управата на црвено-црните на неколку пати успеа да ги плати потребните 12.000 евра и денеска да ја уплати последната рата на сметката на куќата на фудбалот.

Македонскиот вицепрвак се наоѓа во тешка финансиска ситуација, особено откако сметката на клубот беше блокирана во минатата недела за долгови кон Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП), под чија капа е Националната Арена „Филип Втори“ за користењето на најголемиот стадион за мечевите кои ги играле вардарци. Згора на ова, клубот има наталожени долгови кон поранешните фудбалери, но и кон актуелниот погон, кој четири месеци нема земено плата.

Вистинска драма имало деновиве на релација ФФМ - Вардар, зашто ждрепката за Првата лига е закажана за утре. За да се избегне големиот срам, дозволено било Вардар да плати на неколку пати. Опција било повторно да се одложи ждрепката, но и тогаш срамот ќе пукнеше. Сега, навидум, сите проблеми се решени иако е нелогично како со толкави долгови спрема фудбалерите и спрема разноразни институции, најтрофејниот македонски клуб воопшто добива и лиценца за настап.

Најголемиот фудбалски бренд во земјава во моментов преживува тешки моменти поради најавената нова структурна промена и преземањето на раководењето на клубот од Град Скопје, а целиот хаос на површина излезе по дебаклот и елиминацијата уште во првото коло во квалификациите за Лига Европа, по вкупниот пораз со 0-3 од ерменски Пјуник.