Антонели стана најмлад шампион во Ф1, а има смешна плата во однос на ривалите!

Дваесетгодишниот италијански возач на Мерцедес, Кими Антонели, ја осигура титулата светски шампион во Формула 1 на трката за Големата награда на Мексико, со што испиша нова страница во историјата на овој спорт.

На Антонели му беше потребно да заврши меѓу најдобрите девет возачи на патеката, а тој преку освојувањето на третото место официјално го потврди шампионскиот статус. Со овој подвиг направен на 20 години и 68 дена, Италијанецот го урна долгогодишниот рекорд на Себастијан Фетел и стана најмладиот светски првак во историјата на Формула 1, надминувајќи го достигнувањето на Германецот кој во 2010 година стигна до трофејот со 23 години и 134 дена.

И покрај историскиот спортски успех, заработувачката на новиот светски шампион е далеку зад елитните стандарди на натпреварувањето. Неговата основна годишна плата за оваа сезона изнесува околу 3,4 милиони долари, сума која го позиционира на самото дно на табелата на најплатени возачи. За споредба, најголемите ѕвезди во спортот како Макс Ферстапен и Луис Хамилтон инкасираат помеѓу 60 и 70 милиони долари по сезона, додека неговиот тимски колега од Мерцедес, Џорџ Расел, заработува околу 30 милиони долари.

Сепак, финансиската слика за младиот италијански возач значително ќе се подобри благодарение на шампионскиот триумф. Покрај основната плата од 3,4 милиони долари, Антонели ќе добие и предвиден бонус кој е повеќекратно поголем, преку кој на својата банкарска сметка ќе инкасира дополнителни 10 до 12 милиони долари како награда за освоената титула.