Пеколна сабота: Струга и Шкендија во битка за тронот, Вардар на „сè или ништо“ во Кратово!
Стружани во дербито влегуваат со одлична форма и висок морал по победата минатата недела во Скопје против Вардар (1-0). Од друга страна, лидерот Шкендија пристигнува со голема самодоверба и позитивна традиција, бидејќи тетовскиот тим нема претрпено пораз на последните седум меѓусебни пресметки со стружани, забележувајќи три победи и четири нерешени средби. Марјан Радески, стрелецот на победничкиот гол против Вардар, очекува нов квалитетен настап и освојување на целосните бодови.
„Респект за екипата на Шкендија, но имаме свои цели. За да ги оствариме, како тим мора да го дадеме и повеќе од максимумот, со цел бодовите да останат во Струга. Се трудам и давам сè од себе на секој натпревар да бидам во функција на тимот. Нормално е напаѓачите на секој меч да го бараат голот, но во овој момент најважно е бодовите да останат во Струга, а ние да се радуваме на победата“, потенцираше Радески.
Своите очекувања од големото дерби ги сподели и офанзивецот на Шкендија, Алмир Криезиу, кој најави пеколно тежок натпревар за двете екипи.
„Ваквите дерби-пресметки се нешто посебно за секој фудбалер, сите живееме за вакви мечеви! Мотивацијата доаѓа сама по себе кога на теренот директно се соочуваат првиот и вториот на табелата. Верувам дека гледачите ќе уживаат во врвен фудбал. Ние сме лидери, но Струга игра феноменално во последно време. Веќе ги совладавме еднаш оваа сезона, но тие влегоа во одличен ритам и очекувам пеколно тежок меч“, истакна Криезиу.
Силекс, пак, пред своите гледачи бара победа против Вардар, со цел да фати приклучок кон првите четири места на табелата во финишот од есенскиот дел од сезоната. Кратовци во претходното коло ремизираа без голови против Скопје во Автокоманда.
„Силекс ќе настојува да ги освои трите бода. Вардар е секако тежок противник без разлика во која ситуација и да се наоѓа, и дали има серија на лоши резултати или не. Но, ние ќе се трудиме да дадеме максимум и да се обидеме да го добиме овој натпревар“, изјави тренерот на Силекс, Александар Васоски.
Од другата страна, избраниците на тренерот Миодраг Божовиќ немаат друг избор освен да одат на победа за да се вратат во посакуваниот ритам по поразот од Струга и да го одржат чекорот со водечките екипи. „Црвено-црните“ истакнуваат дека одат на триумф на секој натпревар, а мотивација плус црпат од одличната традиција против Силекс, против кого на последните пет средби имаат евидентирано четири победи и само едно реми.