„Фати“ шутот - Симиќ погоди четири тројки и беше прв стрелец во новата победа во НЦАА

Теодор Симиќ имаше уште една вечер за паметење во американската колеџ-кошарка. Македонскиот центар одигра клучна улога во победата на Тексас-Арлингтон над Портланд со 89-85, постигнувајќи 24 поени на турнирот „Аутригер Рејнбоу Класик“, кој се одржува на Хаваи.

Иако повторно не се најде меѓу почетните петмина, Симиќ беше најпродуктивниот играч во составот на Маверикс. Тренерот му даде 25 минути на теренот, а македонскиот кошаркар ги искористи максимално: погоди девет од 17 шута од игра, меѓу кои четири тројки од седум обиди, и придодаде пет скока.

Најголемиот дел од својот поентерски придонес го оствари пред паузата. Симиќ во првите две четвртини уфрли 20 поени, а со прецизниот шут од далечина беше еден од главните фактори за водството од 46-43 на неговиот тим по првите 20 минути. По одморот, Портланд ја крена играта и успеа да го направи натпреварот неизвесен. Драмата достигна врв во финишот, кога противникот поведе со 85-84, нешто помалку од две минути пред последниот звук на сирената. Тексас-Арлингтон, сепак, не дозволи да му избега победата. Миер Паноам беше сигурен од линијата за слободни фрлања, додека Нико Бундало со важен придонес во завршните моменти помогна да се зачува предноста.

Маверикс имаат максимален ефект по првите два натпревари во новата сезона. Следната можност за продолжување на добрата серија доаѓа веќе утре вечер, кога Тексас-Арлингтон ќе се соочи со домаќинот на турнирот, Универзитетот Хаваи.