Шок во НБА: Кристапс Порзингис се повлекува од кошарката!

Летонскиот кошаркар Кристапс Порзингис сосема изненадувачки поради здравствените проблеми донесе одлука да ја заврши кариерата.

31-годишниот центар се огласи преку социјалните мрежи, откривајќи дека во овој момент здравјето мора да му биде на прво место. Порзингис извесен период е надвор од тимот на Голден Стејт Вориорс, обидувајќи се да ги надмине физичките проблеми.

Во емотивната порака објавена на својот профил на „Икс“, Летонецот објасни дека неговото тело не реагирало онака како што очекувал при зголемувањето на интензитетот на тренинзите.

„Навистина се радував на оваа сезона и на борбата со мојот тим, но како што го зголемував интензитетот на тренинзите, телото едноставно не реагираше како што очекував.

Добро сум, но знам што е потребно за настап на ова ниво и моментално не сум таму каде што сакам да бидам за да ги прикажам игрите што ги очекувам од себе. Во овој момент донесов одлука здравјето да го ставам на прво место и да се повлечам од играта што ја сакам“, порача Порзингис.

Тој истакна дека има голема почит кон Голден Стејт и дека ќе соработува со клубот за да се најде најдоброто решение за двете страни.

„Благодарен сум на моето семејство и најблиските кои постојано се покрај мене. Ви благодарам на сите за огромната поддршка“, порача летонскиот кошаркар.