Вардар почна со подготовки – најавени се уште најмалку осум засилувања (ФОТО)

Најголемиот македонски спортски бренд, фудбалската екипа на Вардар, попладнево, конечно, почна со подготовките за новата прволигашка сезона, откако тренерот Горазд Михајлов ја направи првата прозивка во тренинг-кампот во скопски Хиподром.

На собирот се појави и Филип Најдоски, кој денеска беше промовиран во прво летно засилување на црвено-црните, кои наскоро ќе ја официјализираат новата сопственичпка структура, новиот спонзор, а со тоа и новите амбиции на клубот.

„Можеби малку доцниме со стартот на подготовките, но битно е да се има желба. Имаме нови спонзори и сопственици и заедно со нив и со нашите 'Комитите' ќе успееме да го вратиме клубот каде што припаѓа - на самиот врв. Не шпекулираме со имиња, како ќе течат разговорите со потенцијалните засилувања ќе ја информираме јавноста. Тука е само Најдоски, другите шпекулации ги отфрламе. Во преговори сме со повеќе фудбалери и верувам дека ќе направиме респектабилен тим. Ни недостасуваат седум до осум нови играчи, за да има конкуренција на секоја позиција. Во тимот го имаме и Дарко Мицевски, кој се врати од повредата и кој ќе ни биде од голема помош“, изјави тренерот Михајлов на првиот тренинг.

На тренингот присуствуваа и „Комити“, кои добија аплауз од фудбалерите за сета поддршка во изминатиот (нај)тежок период за клубот.