Вардар ниту утре нема да ги почне подготовките – пари сѐ уште нема!

Актуелниот македонски првак и најтрофеен клуб Вардар ни утре нема да ги започне подготовките за пролетната полусезона, зашто пари сѐ уште нема, иако фудбалерите кои засега се останати во таборот на црвено-црните веќе ги направија лекарските прегледи.

 

Уште во минатата недела после состаноците кога се најде решение за привремен спас на клубот за да се избегне комплетна пропаст, беше најавено дека до денеска со неколку заостанати плати и пари за минимални услови за понормално функционирање ќе го врати првиот скрпен тим во погон, па во од ќе се решаваат другите работи, но почетокот повторно се пролонгира бидејќи пари сѐ уште нема.

На Вардар му истекува времето за да почне со подготовки, зашто нема ни три недели до стартот на полусезоната, па повторното доцнење со подготовките, како летоска ќе го доведат клубот речиси неспремен да влезе во битка со ривалите и да се плаши за својот опстанок, иако засега е на пристојна дистанца од опасната зона, но неколку неуспеси може да го доведат во битка за гол опстанок. Особено што тимот зимава ги загуби дел од клучните играчи, кои практично беа носители на играта, од капитенот Дарко Мицевски, Јован Попзлатанов, Матеј Цветановски...

Минатата недела беше договорен план за спас на Вардар, а во спасот се вклучија и навивачите со кампања да се распродаде Арената за воведното „ел класико“ со Пелистер, со што би се обезбедиле плус 50 илјади евра за живот, но сето тоа експресно не е решено, па сега од ден за ден, ќе се чека разрешницата околу одблокирањето на сметката и исплатата на пари, за фудбалерите конечно да почнат со подготовките.

Црвено-црните повеќе од две години се во тешка финансиска состојба која кулминираше летоска со распадот на комплетниот шампионски тим и во „пет до 12“ беше скрпен тим за да се почне новата сезона, на десетина дена пред стартот на сезоната, а како се одвиваат работите и зимава, ништо поинаку нема да биде.