Вардар ја прегази Шкендија и покажа кој е шампион во Македонија! (ФОТО+ВИДЕО)

Вардар е нов првак на Македонија и иако минатата недела ја обезбеди титулата, денеска стави печат на шампионската сезона, во дуел со ланскиот освојувач на трофејот Шкендија.

Пред своите навивачи, скопскиот тим славеше со 3-0 и буквално го растури својот голем ривал кој имаше можност барем достојно да ја заврши сезоната. Победникот беше решен уште во првото полувреме кога прво Ајетовиќ си постигна автогол, а потоа Закариќ со гол круниса една акција за водство од 2-0, резултат со кој се замина на голем одмор.

Конечниот резултат го постави искусниот Бобан Николов на десетина минути пред крајот на основниот дел на натпреварот. Меѓу хероите на Вардар е и голманот Талески кој двапати му одбрани пенал на Љатифи, при првиот обид судијата ја поништи неговата одбрана поради тоа што не ја газел гол линијата, но при вториот повеќе немаше каде.

Вардар ја завршува сезоната со дури девет бода повеќе од Шкендија, со 80 постигнати и 21 примен гол. Ова е негова 12. шампионска титула, прва по 2020 година.