„Вардар има фантастични услови, ама ситуацијата не е на нивото на големината на клубот“

По само шест месеци откако летово дојде во најтрофејниот македонски клуб Вардар, Александар Кировски си замина од Скопје и официјално е вториот фудбалер што ги напушта црвено-црните во турбулентната есен по Ерменецот Тигран Барсегјан.

Кировски дојде да ја зголеми конкуренцијата на голот, па дури и да биде „единица“, ако за Филип Гачевски дојде добра понуда. Но, српскиот голман, кој беше младински репрезентативец кај северниот сосед немаше многу шанса да се покаже. Официјално дебитираше во Купот против Вардари од Форино, а потоа го немаше ниту на клупата за резерви.

Кировски со Вардар потпиша двегодишен договор, но си оди по само шест месеци.

„Јас дојдов во Вардар на повик на Дарко Панчев, но останав само шест месеци. Во изминатиот период беше турбулентно во Вардар. Русинот-финансиер Сергеј Самсоненко размислува дали да се повлече од фудбалот и од сета таа приказна. Вардар има фантастични услови за работа, ама моменталната слика на Вардар не е пропорционална на големината на клубот“, вели Кировски за „Спортски Журнал“.

Црвено-црните есенва западнаа во тешка финансиска криза, па фудбалерите играа бесплатно и успеаа да бидат втори со пет бода помалку од лидерот Шкендија, но со неизвесна иднина кој сè ќе остане да игра пролетва и со какви амбиции ќе влезе клубот во вториот дел од сезоната.