Велешки Борец ќе првпат во својата историја успеа да го победи среде Скопје најтрофејниот макеоднски клуб Вардар (1-0), па максимално ја искористи кризата и егзодусот на ланскиот доминантен тим на црвено-црните, за да стигне до воведна победа на стартот на новата сезона во Првата лига и тоа од својот прв шут по 80 секунди од почетокот на мечот.

Никола Радовиќ ја погоди мрежата на Филип Илиќ во 80-та секунда од мечот, по супер-асистенција на Фернандо, па тој момент на крајот се покажа како лучен за триумфот на велешани, иако тие може да жалат што не стигнаа до полесна и поубедлива победа, после низата промашувања на избраниците на Горазд Михајлов на овој меч.

Имаше зицер Радовиќ на крајот од првиот дел, четири шанси прокоцка Никола Прелчец, а уште две Дарио Десниќ, но погодокот од самиот старт беше доволен за триумф против скрпените црвено-црни, кои денеска буквално не искреираа ни една шанса за гол, а единствената најзрела ја имаше еден од староседелците, Дарко Мицевски, чиј удар од работ на шеснаесетникот во 55-та минута, го одбрани Бурхан Мустафа.

Се обидуваше Вардар во завршните 20 минути да направи притисок, се обидуваше со центаршутеви да стигне до шанса, но сето тоа смирените гости од Велес успеваа лесно да го отстранат и практично да не дозволат црвено-црните да ги казнат за сите промашувања во овој меч.

Ако денот по утрото се познава, Вардар во новата сезона ќе го очекува измачувачка битка за својата гордост, чест, но и за бодови, зашто без оглед на поразот, тимот е далеку од квалитетот од ланската екипа, иако и таа беше склопена со голем број на младинци, но со репрезентативно педигре. Вардар и лани на отворањето на сезоната загуби, тогаш од Македонија ЃП со 0-2, но фудбалски црвено-црните одиграа меч на кој и доминираа фудбалски, ама имаа и шанси, нешто што во моментов го немаа на воведниот меч и прашање е колку овој скрпен тим има потенцијал за поголеми дострели.

Може да се бара барем на почеток изговор во доцниот старт на подготовките, малиот период на подготовка, фактот дека без контролен меч, црвено-црните влегоа во сезоната, но тешка задача сепак е пред Александар Васоски да склопи мозаик кој ќе може да игра, да се надигрува, но и да победува, а очигледно е дека на овој тим и тоа како му недостигаат уште низа фудбалери со квалитет.