ВАР интервенирал три пати на мечот меѓу Шкендија (А) и Силекс - сите одлуки биле исправни!

Шкендија Арачиново и Силекс ремизираа (1-1) на стартот на второто коло во Првата македонска фудбалска лига, а ВАР-технологијата интервенираше три пати за време на натпреварот.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) информира дека биле донесени три клучни судиски одлуки на мечот.

„Во 27. минута од натпреварот, главниот судија не забележува очигледен прекршок врз играчот на домашната екипа кој е внатре во казнениот простор на гостинската екипа, близу до линијата. По правилна ВАР проверка и интервенција, главниот судија по преглед на снимка на терен (OFR) досудува казнен удар за домашната екипа.

Во 45+2 гостинската екипа постигнува гол. Првиот асистент судија правилно ја одложува сигнализацијата со знаме применувајќи го ВАР протоколот и по завршување на нападот сигнализира офсајд прекршок во фазата на градење на напад (APP). ВАР судијата согласно протоколот ја проверува фазата на градење на напад и офсајд одлуката на првиот асистент судија ја потврдува со цртање на офсајд линии. Напаѓачот на гостинската екипа е во офсајд во моментот на додавање на топката од 30 сантиметри. Тесна офсајд одлука, но исправна од асистентот судија и правилно потврдена од ВАР.

Третата клучна ситуација е во 82 минута кога главниот судија пропушта да препознае очигледен прекршок од одбранбениот играч на домашната екипа. Гостинскиот напаѓач е во целосна контрола на топката во моментот кога одбранбениот играч ја промашува топката и го соборува напаѓачот со невнимателен прекршок. По ВАР проверка и интервенција, главниот судија е повикан на преглед на снимка на терен (OFR) по што ја прифаќа ВАР интервенцијата и досудува правилно казнен удар за гостинската екипа“, соопшти ФФМ.

Видеата од ситуации може да ги погледнете ТУКА.