Украинецот Новак уште две години ќе игра во Вардар!

Украинскиот стопер на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Евгениј Новаќ ќе продолжи да игра во Вардар и во следните две години, откако дефанзивецот потпиша нов договор со црвено-црните.

Непосредно пред денешниот меч на Вардар со ерменски Пјуник на Националната Арена „Филип Втори“, Новак ја потпиша новата двегодишна соработка со црвено-црните. Тој е еден од тројцата вардарови фудбалери од стартниот тим, кој лани играше групна фаза во Лига Европа што остана во Скопје заедно со Ерменецот Тигран Барсегјан и голманот Филип Гачевски.

Новак во Вардар дојде во август 2015 година и во последните две години беше една од незаменливите алки во составот на црвено-црните. Тој освои две шампионски титули, а играше и групна фаза во Лига Европа.