Тетекс: Општина Тетово лаже, започнуваме - институционална борба!

ФК Тетекс реагираше на соопштението на општина Тетово која им одговори дека само тимови од Прва лига можат да играат на градскиот стадион.

Тетекс го оцени соопштението на општина Тетово како чиста лага и најави борба преку институциите до добивање на битката и враќање на градскиот стадион.

„До господата од општина Тетово.
На кој стадион играше Шкендија како второлигаш?
На кој стадион играше Ренова како второлигаш?
Неколку натпревар на Градски одигра и Руфеја од Милетино како второлигаш. 
Скендербег од Порој и Чаклани од Палчиште играа на Градски во Купот на Македонија
Баражите за пополнување на 2. лига се играа на Градски во Тетово (случајно или не играа: Фортуна, Вардар Форино, Влазними Струга, Башкими Куманово и Влазрими Кичево).
Нема реакција за стариот стадион кој со променети брави и катанци е узурпиран. Од кого? - Знае општината? Знае МВР? Знае ОЈО Тетово? 
Нема реакција за теренот на АМС каде пионери и петлиња имаат предност пред прволигаши во женски фудбал и второлигаш во машки фудбал. Нерамноправна распределба на термините.
На кого Шкендија му плаќа за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
На кого му плаќаше Ренова за користење на Градскиот стадион? (можете да објавите доказ?)
Кој и како одлучил дека стадионот смее да се користи само за 1. лига, кога наведовме еден куп примери кога не било така? Дали советниците Македонци се консултирани и дали Советот донел таква одлука или советот има донесено ценовник со ставки за која лига по колку ќе се наплаќа. Кого консултиравте за да донесете таква одлука, која воопшто не е донесена. Објавете го документот дека така сте одлучиле со печат и потпис на овластеното лице од Општината. 
Нема да застанеме! Или сите ќе бидеме рамноправно или никој! Ќе има протести!
Истовремено ќе започнеме и институционална борба: 
-Ќе се обратиме и до Народниот правобранител,
- Ќе се обратиме до Комисијата за антидискриминација,
- Ќе се обратиме до Комисијата за антикорупција да се испита кој какви одлуки носи за спортските објекти во Тетово (не само за Градскиот) и дали некој плаќа за нивно користење,
- Ќе се обратиме до инспекторатот за Локална самоуправа дали одлуките кои ги носите врз основа на национална и навивачка припадност дали се законски,
- Ќе се обратиме до сите институции, Претседател на државата, Премиерот, Претседателот на собранието, сите пратеници, министри, но и Амбасади и меѓународни институции.
Тетекс ќе игра на Градски, ќе победиме и во оваа битка!“, се вели во реакцијата на ФК Тетекс.