„Лавовите“ покажуваат заби: Не се плашиме од Алашкерт!

Македонија Ѓорче Петров по цели десет години се враќа на европската сцена и ова лето ќе игра против Алашкерт во рамки на првото квалификациско коло во Лигата на Европа. 

Тимот кој е предводен од младиот тренер Александар Таневски за две години успеа да стигне од Втората македонска лига до излез во Европаи. „Лавовите“ сега се подготвени за новиот предизвик, а Таневски смета дека Алашкерт од Ерменија е противник по мерка.

„Секако дека ждрепката можеби можеше да биде и полесна за нас, ако го добиевме противникот од Луксембург, Фола Еш. Но и вака сме задоволни, мислам дека Алашкерт е тим по мерка, со кој можеме да се надигруваме и да го минеме. Засега немаме детални информации за составот на овој тим, но знаеме дека се квалитетни, бидејќи овој тим петта сезона игра во Европа. Лани биле шампиони на својата земја и откако испаднале од Селтик во првото квалификациско коло во Лигата на шампиони, ја минале Сутјеска во Лигата на Европа, а потоа биле елиминирани од Клуж во третото квалификациско коло. Изминатава сезона финиширале четврти во Ерменија, но освоиле Куп, што значи дека се квалитетни. Имаат состав во кој играат многу играчи од бившите ју-простори и неколку Бразилци. Ние се враќаме на европската сцена по цела една деценија и секако дека овој двомеч за нас е голем предизвик. Минавме долг пат од Втората лига, па во Првата лига и игравме финале во Купот. Ова покажува дека не сме тим за потценување“, анализира Таневски.

Тимот веќе 10 дена напорно се подготвува за новата сезона. Има четири нови играчи во составот, а тоа се Ален Јашаровски, Фернандо Аугусто, Спиркоски и Лука Трајковски. 

„Се засиливме на неколку позиции, но не сме завршиле со новите играчи. Дефинитивно ќе ангажираме уште еден голгетер и уште еден стопер. Во преговори сме со неколку играчи и се надевам дека ќе ги имаме на располагање пред двомечот со Алашкерт“, додава тренерот на ѓорчепетровци.

Македонија Ѓорче Петров во четврток заминува за Банско, Бугарија, каде ќе ја одработи втората фаза од подготовките и ќе одигра три пријателски натпревари. Овој тим последен пат во Европа играше во летото 2009 година, кога во рамки на второто квалификациско коло во Лигата на шампиони играше против БАТЕ Борисов и доживеа два порази од по 2-0.