Суат Зендели по дербито со Вардар оди во - пензија

Капитенот на чаирскиот прволигаш Шкупи, Суат Зендели на дербито со Вардар идниот месец на Чаир ќе се збогува од професионалната кариера и ќе замине во пензија. Зендели за „ТВ Шења“ ја најавил одлуката за пензија во која посочил дека очекува раководството истата да му ја прифати.

Голманот на чаирчани, кој беше дел од Слога Југомагнат во периодот од 1999 до 2005 година, на Чаир се врати во 2014 и сега на 37 години посочува дека е време за фудбалска пензија и да се посвети на фудбалот од друг аспект. Заминувањето на Зендели во пензија ќе значи дека младинската репрезентативна „единица“ Игор Алексовски ќе биде прв голман на прволигашот, откако летово тој дојде во овој клуб од Вардар.

„Имав желба да се простам од фудбалот на меч на два албански тимови, тоа ќе беше посебно, но дуелот со Шкендија ќе го играме во Тетово и не можам збогувањето да го направам на тој меч, па како датум кој го поставив и веќе му го соопштив на раководството, кое веријатно ќе го одобри е да биде дербито со Вардар на Чаир. Тогаш ќе заминам во пензија“, вели Зендели.

Досегашниот капитен и стандарден чувар на мрежата најави дека заминувањето во фудбалска пензија, не значи заминување од фудбалот, туку дека најверојатно ќе остане во Шкупи, но сега во една поинаква улога – како дел од управата на клубот.

„Јас и претходно кажав, во преговори сме со управата, која ги образложи нејзините цели и веројатно ќе ми понуди клупска функција, која ќе ја разгледам. Нормално, најголемиот дел од кариерата го минав тука, тука пораснав, тука го изградив името и славата и сакам тука да продолжам“, додава Зендели.

Зендели во кариерата освен на Чаир, играше и за Динамо Тирана (2002/03 и 2005/06), Аполонија (2006/07), Беса (2007-2009), Шкендија (2009-2011), Петролул Плоешти (2011) и Ренова (2012-2014). Со Шкендија освои една титула во 2011 година, а со Ренова беше победник во Купот на Македонија во 2012.