Струмица е отворена за гости: Вардар в недела ќе има поддршка од Комити

Дебитантот во првата фудбалска лига, Академија Пандев в недела од 13 часот на стадионот „Младост“ ќе го дочека македонскиот шампион Вардар, а „пандевци“ за разлика од другите македонски клубови реши да ги отвори вратите и за навивачите на црвено-црните, Комитите.

Ретко кој прволигашки клуб дозволува гостување на гостинска навивачка група, од (не)оправдани причини, но откако Младост блесна со две нови трибини зад головите, Академија Пандев нема причина да забрани гостување на Комити. Така дербито на вториот и третиот клуб во лигата ќе се игра прет полни трибини, а и Вардар ќе има своја поддршка.

„Интересот во Струмица е огромен поради што Академија Пандев донесе одлука да ги отвори вратите и на северната трибина од градскиот стадион 'Младост'. Тоа значи дека гледачите на натпреварот ќе бидат сместени на двете големи трибини (јужната и северната) и се очекува тие да бидат исполнети до последното место. Спектаклот ќе го комплетираат гостинските навивачи кои. Вардар најави присуство на Комити на овој натпревар, а тие ќе бидат сместени на западната трибина која е зад еден од головите“, објави Академија Пандев.

Дуелот се игра во рамките од 8-то коло (заостанат меч), иако на програмата е 17-та рунда во која исто така се среќаваат Вардар и Академија Пандев. Сепак ФФМ реши дека прво треба да се игра првиот сезонски меч и тоа само 48 часа откако Вардар ќе се врати по долгото патување од Санкт Петербург и настапот во Европа.

Од гостувањата сезонава, Комити беа во Кратово, но на пример не беа на Железарница (со Скопје), ниту во Прилеп и Битола, Тетово одамна е недостапно, Чаир е незамислив за гостување... Така да Академија Пандев покажа европски менталитет.