Струга го скрши Силекс и го зголеми притисокот врз Шкендија

Поранешниот шампион на Македонија, Струга од денеска е на само два бода негатива во однос на лидерот Шкендија откако славеше во дербито на колото со Силекс со 1-0.

Ова е четврти триумф за стружани кои го зголемија притисокот врз првопласираниот на табелата и во следниот период ќе се обиде да го симне од врвот. Денешниот натпревар не донесе многу возбудувања, особено во првото полувреме, но Струга ја искористи својата шанса за да дојде до драгоцена победа.

Во воведните 45 минути Струга го имаше поседот на топката, но не направи многу изгледни шанси за гол. Моментот на одлука се случи во 59. минута кога Ласана Диако искористи една мешаница и од 5-6 метри ја смести топката во мрежата на домашниот тим.

Откако му пропадна планот да го одбрани својот гол, Силекс тргна со сите сили во напад и беше подобар до крајот на мечот. Најголемата шанса ја имаше Ѓерасов во 84. минута кога од околу 15 метри ја погоди пречката од голот на Струга, но топката сепак не заврши таму каде што посакуваше. Во судиското продолжение можност имаше и Ефтимов кој на волеј зафати една одбиена топка, ама за малку не беше прецизен.

Струга сега има 13 бода, додека Силекс ја предводи групата од три екипи со по седум, од петтата до седмата позиција. Кратовци немаат старт на сезоната според очекувањата бидејќи претходно загубија и од Вардар и од Шкендија и се далеку од борбата за титулата.