Србија почнува „војна“ со Македонија за Гаштаров
Србија има сериозен план да го убеди македонскиот фудбалер Матеј Гаштаров во иднина да го избере дресот на српската репрезентација. Ова го откри Стојиќ кој сега ја извршува функцијата директор за стратегија и развој во Фудбалскиот сојуз на Србија, кој во подкастот „2х45“ најави дека српската федерација ќе се обиде да го придобие младиот македонски репрезентативец.
„Ќе видиме, ќе направиме сè што можеме. Ќе се обидеме“, порача Стојиќ.
Гаштаров во изминатиот период привлече големо внимание со настапите во дресот на Црвена звезда, а во него Србија гледа потенцијал за иднината на својата репрезентација. Младиот фудбалер од Скопје досега ги помина сите младински селекции на Македонија, а сега доби и повик од селекторот Гоце Седлоски за претстојните натпревари на македонската репрезентација во Лигата на нациите.
Токму тоа ја става Србија под временски притисок, бидејќи во Белград сакаат што поскоро да разговараат со Гаштаров и да го убедат да го избере нивниот национален тим. Стојиќ има високо мислење за квалитетите на македонскиот фудбалер и смета дека тој има профил на модерен дефанзивен играч за врска.
„Висок е, брз, ја гледа играта, нема грешки и навреме носи одлуки. Му треба брза информација, обработка и точна одлука“, изјави Стојиќ.
Сепак, искусниот функционер смета дека Гаштаров има простор за дополнителен напредок, особено во физичкиот сегмент. Според него, младиот Македонец треба да ја подобри физичката сила и првиот чекор, бидејќи на највисоко европско ниво ќе се соочува со противници кои ќе го притискаат многу повеќе.
Во Црвена звезда, пак, очигледно сериозно сметаат на развојот на Гаштаров, а во Србија веќе направија јасен сигнал дека сакаат талентираниот македонски фудбалер да го видат во дресот на „Орлите“. Останува да се види каква ќе биде одлуката на Гаштаров, кој во моментов е македонски репрезентативец и има повик од селекторот Седлоски.