Ќе биде жешко на теренот кај ФФМ: Вардар ќе „удри“ по Арсими, а Комити по - Миленко!
Вардарци, предводени од новиот тренер Миодраг Божовиќ – Гроф, ќе се обидат да дојдат до три бода со кои би се приклучила кон врвот на табелата. Сепак, натпреварот, кој ќе се одигра на теренот на ФФМ во населбата Ново Лисиче, поминува во сенка на најавениот бојкот од страна на навивачката група „Комити“, кои информираа дека денеска за последен пат ќе бидат на трибините, барајќи заминување на извршниот директор Миленко Неделковски, акција која веќе ја започнаа со поставување транспаренти низ главниот град.
Противникот на „црвено-црните“, екипата на Арсими, доаѓа во Скопје со амбиции да оствари позитивен резултат и покрај респектот кон домаќинот. Одбранбениот фудбалер Мухједин Дардишта најави дека неговиот тим е целосно подготвен да се надигрува со фаворитот.
„Го почитуваме Вардар, но одиме да играме фудбал и да се бориме до крај. Ќе го дадеме максимумот во секоја минута. Создадовме многу шанси и покажавме квалитет. Тоа ни дава верба дека можеме да се спротивставиме и на најсилните. Ветувам дека ќе се бориме до крај и се надевам дека ќе се вратиме од Скопје со позитивен резултат“, изјави Дардишта.
Тимот на Струга, пак, го пречекува секогаш незгодниот составод Кратово, во ситуација со максимален учинок на домашен терен со три победи без примен погодок. Дефанзивецот Ласана Дијако потенцираше дека екипата е максимално мотивирана за овој дуел против директен ривал, но предупреди дека мора да останат концентрирани од првата до последната минута за да ја продолжат победничката серија.
Од друга страна, кратовскиот тим патува во Струга по поразите од Вардар и од Шкендија, но со нескриени амбиции за излез во Европа. Шефот на стручниот штаб на Силекс, Александар Васоски, истакна дека тимот не одиграл лошо на претходните средби и дека се фокусирани на позитивен исход.
„Не чека тешко гостување кај директен конкурент за Европа. Малку самодовербата ни е разнишана после двата порази, но доволно сме квалитетни и мотивирани за да извадиме позитивен резултат од Струга. Не игравме лошо ниту против Вардар, ниту против Шкендија за да претрпиме порази, но таков е фудбалот. Одиме напред, тие два меча се веќе зад нас и сега сме максимално фокусирани кон дуелот со Струга“, констатираше Васоски.