Спектакуларен крај на турнирот што има повеќе публика од пола прволигаши! (ФОТО)
Гостилница кај Џек во финалето ја совлада екипата на Хоризонт Фокс со 5-4, дури по изведувањето на пеналите, зашто по регуларните 50 минути и по продолженијата од двапати по пет минути немаше погодоци.
Победниците со триумфот заработија 280.000 денари, а поразената екипа двојно помалку. И во двете екипи настапија неколку поранешни и сегашни прволигашки фудбалери и футсалци.
Тоа што го карактеризираше овој турнир кој е еден од најпопуларните во Македонија, е огромното присуство на публика во сите денови од одржувањето, финалето го следеа неколку илјади навивачи, бројка со која не може да се пофалат пола од македонските прволигаши.
Полуфиналните средби како и финалето одеа на специјален видеострим кој се пренесуваше на Јутјуб, преносите се вршеа со неколку камери, но и со дрон, кој спектакуларно ја прикажуваше атмосферата.
Финалето беше директно пренесувано и на националниот сервис МТВ.