Скромни 150.000 евра за македонските клубови од УЕФА, зад нас се само Ирците и Косово!

Над 900 тимови од 55 држави добија рекордни 233 милиони евра од Европската куќа на фудбалот (УЕФА), меѓутоа македонските клубови ќе поделат скромни 150.000 евра од целиот „колач“ кој го дели Европската фудбалска унија.

Според списокот на УЕФА, најмногу пари од македонските тимови ќе добила Шкендија, односно 65.862 евра, по што следи Работнички со 25.613, па Брера Струмица (поранешна Академија Пандев) со 21.954, додека на четвртата позиција е Вардар со 14.634 евра. Во продолжение следат Силекс, Македонија ЃП и Шкупи, кои добиваат по 7.318 евра.

Зад македонските тимови следат само клубовите од Косово, кои добија вкупно 120.747 евра, како и тие од Ирска кои поделија само 95.134 евра.

Рекордната сума се подели на екипите кои ги ослободиле нивните фудбалери за учество за националните тимови во натпреварувањата под покритие на УЕФА. Според механизмот, 100 милиони евра од средствата биле резервирани за тие кои ги ослободиле играчите за 2020/21 и 2022/23 во Лигата на нации, како и за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година.

Остатокот од сумата е резервирана за тие кои ги ослободиле фудбалерите за ЕП 2024, па така вкупно сумата достигнува неверојатни 233 милиони евра, што е рекорд како што соопшти УЕФА.

Претседателот на УЕФА, Алаександер Чеферин кажа дека е задоволен поради тоа што поделиле рекорден број на финансиски средства.

„Фантастично е тоа што клубови од сите нивоа, низ цела фудбалска пирамида, добија финансиска награда за нивната важна улога во развивање на фудбалери кои учествувале во успесите на нивните национални тимови. Секој успех во нашите натпреварувања е заеднички“, кажа Чеферин.