Шверцери со ултиматум до газдата на Шкупи: Доста ни е од празни ветувања!

Поранешниот македонски шампион Шкупи поминува низ голема криза, а тоа го потврди и соопштението на официјалната страна на клубот преку која навивачката група „Шверцери“ постави ултиматум до газдата на тимот, Јасин Коњали.

„Шверцери“ посочија дека состојбата во клубот е неприфатлива и бараат сопственикот да им го предаде тимот, а потоа да си замине затоа што во изминатиот период не покажал никаква одговорност.

„ФИНАЛЕН УЛТИМАТУМ УПАТЕН ДО СОПСТВЕНИКОТ НА КЛУБОТ, ЈАСИН КОЊАЛИ

Во овој критичен момент за иднината на клубот, сме должни јавно и директно да му се обратиме на сопственикот на клубот, Јасин Коњали, со јасен, концизен и конечен став.

Актуелната состојба е неприфатлива и нестабилна. Клубот повеќе не може да продолжи во ваква состојба на неизвесност, неодговорност и молк. Оваа спортска институција не е ничија лична сопственост, туку заедничка вредност која ги претставува фудбалерите, стручниот штаб, навивачите и целата заедница што стои зад неа.

Нашето барање е едноставно и јасно:
Клубот мора официјално да ни биде предаден, преку сите законски и административни процедури, без понатамошно одолговлекување. Секое понатамошно избегнување или одлагање е неприфатливо и директно ѝ штети на иднината на клубот.

Изразуваме најдлабока благодарност и безусловна почит кон директорот, стручниот штаб и локалните фудбалери кои со достоинство, жртва и искрена љубов кон клубот останаа покрај него во најтешките моменти. Повеќе од шест месеци тие работеа без плата, без сигурност и без гаранции, но никогаш не го напуштија клубот. Тие го одржаа духот на клубот жив, работеа тивко и дадоа сè од себе - не за личен интерес, туку за честa, достоинството и континуитетот на името.

Ултиматумот на „Шверцери“ до сопственикот е конечен:

  • Лично да се појави
  • Да изврши целосен и неповратен трансфер на клубот
  • Клубот да биде регистриран на име на „Шверцери“
  • И потоа дефинитивно да се повлече од каква било улога, влијание или одговорност поврзана со клубот

Овој чекор е неопходен за да се врати стабилноста, довербата и надежта. На клубот му се потребни јасност, лидерство и вистинска одговорност - а не празни ветувања или отсуство.

Ова не е емоционален апел на моментот, туку промислен, обединет и конечен став.
Иднината на клубот повеќе не смее да биде заложник.

Ова е ултиматум. И ова е крајот на чекањето“, се вели во соопштението.

Шкупи е последен на табелата со само еден бод, со што речиси сигурно ќе се пресели во понизок ранг бидејќи има дури 15 бодови помалку од Пелистер, кој е прв над линијата за играње бараж.