Шок: Вардар не добил лиценца за Европа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар извисил за лиценца за настап во Европа летово, дознава Спорт 1 од блиски извори во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). ЦРвено-црните веќе поднеле жалба до второстепената комисија за лиценцирање за да избегнат срам и битката за излез на меѓународна сцена сезонава да излезе залудна.

Вардарци веќе година и половина мака мачат со финансиите, заглавија во сериозни проблеми и тоа буквално „преку ноќ“, иако во есента 2017 година играа во групите во Лига Европа и сето тоа донесе преку пет милиони евра приходи во касата на најголемиот фудбалски бренд.

Но, фудбалерите од тие пари кои ги заработија не видоа ништо, а Вардар дури летово се соочи со блокада на сметката, па и го напушти својот дом и цела сезона игра во Маџари како домаќин во прволигашките мечеви.

Според информациите, Вардар поднел барање за лиценцирање на стартот на годинава, а бил одбиен поради долговите кои ги имаат црвено-црните кон дел од поранешните фудбалери (тие што си заминаа зимава), но и поради долговите кон актуелниот играчки погон на клубот. Комисијата за лиценцирање ја известила и УЕФА дека Вардар е одбиен за лиценца, но според правилникот оставена е можност со жалба на второстепена комисија да се исчистат долговите.

Вчера фудбалерите не ја добија ветената исплата на долговите, пред се ноемвриската и декемвриската плата и ратите од договорите. Откако Вардар извиси од прва за лиценцата, од клубот експресно поднеле жалба, па сега имаат многу кус рок за да ги подмират долговите и да се спасат. Проблем е што вчера на состанокот во тренинг-кампот на фудбалерите им било најавено дека пари нема до крајот на месецов и дека исплата може да очекуваат од 1 јуни, но сето тоа бо случајот со лиценцата би било катастрофално.

На Вардар му е оставен рок и тоа многу кус, па сега црвено-црните се во трка со времето за да исплатат сè што должат. Ако не го сторат тоа, а последните најави од состанокот се дека нема пари, тогаш Вардар нема да игра во Европа. Црвено-црните лани беа условно суспендирани од УЕФА пред крајот на минатата година и тогаш европската централа во Нион им постави рок до 31 декември да исчистат сè што должат заклучно до 30 октомври. Но, расчистувањето на тие долгови не значеше лиценца, туку опомена дека Вардар мора да го почитува финансискиот фер-плеј и дека мора да ги има подмирено обврските кон своите вработени за да добие виза за европските натпреварувања.

Дали Вардар ќе добие лиценца останува да се види во следните денови, пред сѐ дали клубот ќе ја покрие новата голема дупка или раководството веќе се помирило со фактот дека не може да стигне да ги исполни главните критериуми за лиценцирање.

Постои можност ФФМ како лиценцор да му „прогледа низ прсти“ на Вардар, но тогаш куќата на фудбалот би се соочила со сериозна санкција од УЕФА, ако централата во Нион реши да ги прочешла документите. Лани, Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) за неправилно издавање на лиценца на новосадска Војводина, која не ги исполнувала критериумите беше казнета со 250.000 евра, што е повеќе и од наградата за едно коло играње во квалификациите за Лига Европа.

Неизлегувањето на европска сцена на Вардар ќе значи дека црвено-црните нема да имаат сигурни 230.000 евра, а можеби и двојно повеќе во зависност од тоа со кој ривал би се соочиле на стартот, каде како носители би влегле и во овој циклус.

Сето тоа прави сериозни проблеми и за иднината, но и аспирациите на најтрофејниот клуб за во иднина. Од друга страна, евентуалното недоделување на лиценца за Вардар ослободува место за друга екипа во Европа, па така битката на Шкупи, Ренова, Работнички, Македонија ЃП и Силекс може да стане уште поинтересна во последните две кола зашто два тима би можеле да добијат виза за Европа, ако „лавовите“ од Ѓорче не го освојат Купот на Македонија.