Шкупи ја откажува Шкендија од трката за титулата?

Актуелниот лидер во македонската Прва лига, Шкупи, кој веќе ја има есенската круна во раце попладнево (13 часот) ќе се обиде да го откаже актуелниот шампион Шкендија од трката за шампионската титула во дербито на претпоследното есенско коло во кое чаирчани со осум бода предност пред тетовци го дочекуваат мечот и посакуваат да му избегаат на ривалот на двоцифрена дистанца.

Четири ремија на четирите последни меѓусебни пресметки се најава дека и денеска ќе има израмнет меч во кој Шкупи со поддршка на домашните навивачи ќе се обиде да победи првпат после две ипол години и триумфот на 28 септември 2019 година (2-0), победа која практично може да ги откаже тетовци од обидот да ја одбранат круната.

Со само едно дерби до крајот на сезоната на пролет, победи ли Шкупи попладнево, сѐ поизвесно е дека трофејот нема да им избега, зашто барем досега во сезоната освен што го имаат најдобриот и најквалитетниот тим во лигата, неколкупати и суптилна судиска помош (неколку прволигаши се жалеа на арбитражата баш на мечевите со чаирчани) им го донесе лидерското место, а капак на сѐ беа кризните периоди на Шкендија.

Затоа и ова дерби е последна шанса за Шкендија да се врати комплетно во трката за круната. Дури и реми би било попосакуван исход за Шкупи, одошто за црвено-црните, а серијата од четири победи во низа е најава дека актуелниот македонски првак не го кажал последниот збор сезонава, а дали има капацитет за одбрана на круната најдобар показател ќе биде токму ова дерби за тронот.

Пресметката во Чаир е во фокусот на ова претпоследно коло, второпласираната Академија Пандев, која е на минус шест од лидерот Шкупи има незгодно и тешко гостување во Ѓорче Петров, а исто толку тешко гостување и поради врнежите ќе има и Струга Трим Лум во Автокоманда кај Скопје.

Има ли капацитет Работнички да се извлече од длабоката криза со четири меча без даден гол во кои освои само еден бод, ќе покажат „романтичарите“ на исклучително незгодното гостување во Штип, кај Брегалница, која е втора најдобра екипа сезонава на домашен терен и конкурент да излезе и во Европа на лето. Ренова е домаќин на Тиквеш во Тетово во пресметката во која кавадарчани ќе бараат најмалку нов бод предводени од Влатко Костов, екс-тренерот на „гипсарите“, а тетовци ќе одат по триумф после двата меча во низа без победа.

Во Битола, Пелистер го пречекува Борец во дербито на дното и ова е последната шанса за битолчани барем да не се посрамотат и да дојдат до прва победа во оваа сезона, зашто се единствени кои не се израдувале на триумф. Деветте бода од зоната за бараж за Пелистер изгледаат многу далечни сооглед на сите проблеми со кои се соочи клубот, па денеска ќе се обидат да ја фатат последната сламка за спасот, иако и Борец има свои адути и желби и поблизу е до таа зона за да избегнат директно испаѓање од битолчани, а ништо не се квалитативно послаби од домаќините на „Тумбе Кафе“.

ПРВА ЛИГА, 17. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Шкупи – Шкендија

Брегалница – Работнички

Македонија ЃП – Академија Пандев

Пелистер – Борец

Ренова – Тиквеш

Скопје – Струга Трим Лум

ТАБЕЛА: Шкупи 38, А. Пандев 32, Шкендија 30, Ренова 26, Брегалница 26, Струга ТЛ 23, Македонија ЃП 21, Работнички 19, Скопје 17, Тиквеш 14, Борец 9, Пелистер 5