Шкендија оди по три бода кај „разнишаниот“ Башкими!
Башкими има солидна полусезона, освои повеќе бодови отколку што се очекуваше, но изгледаше очајно на последните натпревари. На последните два меча доживеа два порази и прими дури девет гола.
Хебиб Саити верува дека сепак можат да ги освојат трите бода против актуелниот шампион.
„Ова е последниот натпревар од првенството и го играме пред нашите гледачи, пред нашите навивачи. Тоа е многу важен натпревар за нас, како во аспект на враќање на победите, така и како тежок предизвик бидејќи играме против актуелниот шампион и тимот што нè претставува во Конференциската лига. Шкендија ги бара трите бода за да остане во трката за титулата и ќе ја има поддршката од своите навивачи, но од друга страна, овие бодови се многу важни за нас за што е можно подобро да ја завршиме есенската сезона. Цврсто верувам дека со помош на нашите најверни навивачи ќе ги израдуваме нашите поддржувачи, кои никогаш не нè оставаат сами“, рече Саити.
Настапите во Европа го сторија своето, па Шкендија направи неколку кикса во домашното првенство, па ако сака да ги одржи шансите за одбрана на титулата, веќе нема право на лош резултат. Имаат дури девет бода помалку од лидерот Вардар, но и меч помалку.
„Ова е последниот натпревар за нас во првенството за оваа година, а потоа имаме уште два европски меча. Не очекува тежок натпревар, но одиме во Куманово да ја затвориме годината како што треба, со победа. Дефинитивно кај нас има желба за победа. Сакаме успешно да ја завршиме оваа полусезона, и потоа да ја продолжиме трката за титулата. Го анализиравме противникот, но верувам дека тимот ќе се претстави на најдобар можен начин. Невообичаено бевме многу зафатени оваа полусезона. Сонувавме за овој момент, но не е лесно да се игра на сите фронтови. Меѓутоа убаво е чувството и уживаме во него“, рече Клисман Цаке, дефанзивецот на Шкендија.
Натпреварот меѓу Башкими и Шкендија почнува од 13 часот.
16. коло:
Петок
Македонија ЃП - Вардар 1-2
Тиквеш - Струга 0-1
Сабота
Башкими - Шкендија
Недела
Работнички - Силекс
Шкупи - Брера
Понеделник
Арсими - Пелистер