Шкендија кај забревтаната Брера ќе ги лечи раните од Вардар!

Денеска со почеток од 13:30 часот Брера ќе ја пречека Шкендија во Струмица во меч од 11 коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Брера е вистински хит оваа сезона, сите очекуваа дека струмичкиот тим ќе води голема битка за опстанок, но тие покажаа сосема поинакво лице и се качија на високата шеста позиција.

Струмичкиот тим на последните четири натпревари има три победи и едно реми, па во одлично расположение ја пречекува Шкендија.

„Искрено, дури и јас не очекував дека вака брзо ќе „кликнеме“ меѓусебно, дека фудбалерите апсолутно ќе ја прифатат мојата фудбалска идеја и начинот на работа и дека тоа експресно ќе донесе одлични резултати. Јас барам од младите фудбалери само да играат фудбал растоварено, да се надигруваат со сите, а тие покажаа дека можат да ги надиграат и дел од најдобрите. Идентичен ќе биде пристапот и против Шкендија. Сакам да се надигруваме. Воопшто нема да мислиме само на одбраната, како да лежиме на терен за да задржиме време и нешто слично. Ќе играме фудбал, со намера да нападнеме кога тоа ќе ни го дозволи и противникот, затоа што мора да кажам дека имам преголем респект за Шкендија. Тоа е одличен тим, еден од најдобрите во лигата, оваа сезона настапуваат и во Конференциската лига на УЕФА. Но, токму затоа и за нас претставуваат уште поголем предизвик“, изјави тренерот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски за официјалниот сајт на ФФМ.

Шкендија во овој натпревар влегува по непријатниот пораз од ривалот Вардар и тоа среде Тетово.

Фудбалерот на Шкендија, Фабрис Тамба вели дека лекцијата од Вардар е научена и денеска во Струмица одат по сите три бода.

„Атмосферата е добра, и покај тоа што го загубивме дербито. Тоа е фудбалот, понекогаш се радуваш, понекогаш си тажен, но мораме да го заборавиме сето тоа, и да се фокусираме кон следниот натпревар. Одиме со 100% да го добиеме тој натпревар. Понекогаш и кога губиш, можеш многу да научиш. Дури и кога победуваш, може да се случат грешки, и од тие грешки треба да се научи за следниот меч да настапиш подобро. Но, не сакаме да останеме во минатото. Секако дека грешките треба да ни бидат како поука. Се надевам дека ќе покажеме поинакво лице на следниот меч. Сите го знаат нашиот квалитет и за што сме способни. Продолжуваме да работиме уште понапорно. Секогаш од нас се очекува победа, но не е лесно. Ова е фудбал, и работите нечесто одат според вашите очекувања и желби. Но сметам дека ќе биде се во ред. Во моментов само потребна ни е победа против Брера“, рече Тамба.