Досега невидено: За организација на финале во ЛШ се пријавил само еден град!

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) денеска ја објави листата на градови кои покажале интерес за домаќинство на финалето од Лигата на шампионите во 2028 и 2029 година.

Интересно е што единствено Минхен е заинтересиран да биде домаќин на финалето во 2028 година.

Токму „Алијанц арената“ беше местото каде што се одигра овогодинешното финале на Лигата на шампионите, во кое Пари Сен Жермен го совлада Интер со убедливи 5:0.

Следното финале ќе се одигра во Будимпешта на „Пушкаш арената“, додека во 2027 година спектаклот ќе се одржи на мадридскиот стадион „Метрополитано“, домот на Атлетико Мадрид.

Кога станува збор за финалето во 2029 година, интерес за организација покажале Лондон („Вембли“) и Барселона („Камп Ноу“).

Од УЕФА посочија дека пријавите сè уште не се затворени и дека сите заинтересирани градови ќе можат да ги поднесат своите кандидатури до 10 јуни 2026 година.