Шкендија и Работнички во дуел кој ниту еден од двата тима не смее да го загуби!

Актуелниот шампион Шкендија денеска во Тетово го пречекува Работнички во последниот меч од 15. коло во Првата лига, со јасна цел — враќање на победничките патеки и задржување чекор со лидерите Струга и Вардар.

Тетовци влегуваат во средбата по поразот на гостувањето кај Дрита во Конференциската лига, но стручниот штаб и играчите уверуваат дека тимот е целосно насочен кон освојување на трите бода. Успехот ќе значи и „залечување“ на европските рани, но и продолжување на потерата по водечките на табелата, кои веќе ги завршија своите натпревари со победи над Башкими и Шкупи. Левиот бек Нуман Ајети нагласува дека тимот е подготвен и физички и ментално.

„Поразите се дел од фудбалот, но мора да гледаме напред. Максимално сме фокусирани на Работнички, респект за секој противник, но целта се три бода. Сакаме да си ги израдуваме навивачите и да покажеме карактер“, изјави Ајети.

На спротивната страна, Работнички пристигнува во Тетово со само седум освоени бода и пласман на претпоследното место. Секој натпревар станува клучен во борбата за опстанок, а тренерот Ален Тупајиќ очекува реакција од својот тим.

„Знаеме дека гостуваме кај еден од најсилните тимови во лигата, но немаме право на грешка. Мораме да освојуваме бодови и да ја намалиме негативата во однос на конкурентите. Уверен сум дека можеме да одиграме солиден натпревар“, изјави Тупајиќ.