Шкендија: Ако ФФМ не ја смени одлуката за казна - го напуштаме фудбалот во Македонија!

Раководството и генералниот спонзор на Шкендија најавија радикални мерки ако Фудбалската федерација на Македонија не ја ревидира и намали тешката казната изречена за тетовскиот клуб.

Шкендија е казнета со вкупно 105 илјади евра за немилите настани во финалето од Купот на Македонија и тоа по повеќе ставки: користење пиротехнички средствва на навивалите, националистички скандирања, истакнување транспарент со нацистичка содржина, непочитување на националната химна и напуштање на церемонијата на доделување медали. Поради последната точка, клубот е дисквалификуван од Купот на Македонија идната сезона.

Сето тоа, очигледно, предизвика револт кај Шкендија која вечерва излезе во јавноста со драматично соопштение.

„По неодамнешната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) против Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа скандалозна одлука итно да се преиспита и корегира.

Шкендија е меѓу ретките клубови кои работеле сериозно, коректно и со целосно почитување на спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините имаше големи трошоци, напори и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој, со своите достоинствени настапи во Европа, го зголеми коефициентот на лигата, од кој имаат корист сите локални клубови и благодарение на што, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.

Затоа, неприфатливо е одлуките донесени на маса да му штетат на сериозен проект и да го деградираат овој придонес. Овој пристап нè наведува и да ја разгледаме опцијата за повлекување од клубот/фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, тогаш ние како спонзор сериозно ќе размислиме за понатамошно продолжување, бидејќи оваа одлука ги крши правата и политиките на клубот.

Очекуваме органите на ФФМ итно да размислат, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто“, стои во соопштението објавено на интернет страницата на Шкендија.