Самсоненко оставил 3,5 милиони евра долг во Вардар само во 2020 година!

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко оставил вкупни долгови од 3,5 милиони евра од ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар само за 2020 година, покажуваат финансиските извештати за ланската година кои се официјално објавени на Македонска берза.

Самсоненко кој повеќе не раководи ниту со ракометниот клуб, ниту со фудбалскиот во минатата 2020 година, пријавил огромни загуби, а со тоа натоварил милионски долгови на двата црвено-црни табори, па поради него летово висеше настапот на ракометарите во Лигата на шампионите, а фудбалската гордост пропадна во Втората лига.

Според податоците за ракометниот клуб на РК Вардар АД, загубата за целата 2020 година е 161 милион денари или нешто повеќе од 2,5 милиони евра. Самсоненко во РК Вардар беше заклучно со мај лани, по што Михајло Михајловски го спаси клубот и го врати во свое владение откако на рускиот бизнисмен му го даде во 2013 година.

 

Но, поради долгот кон поранешните ракометари, настапот на Вардар годинава во ЛШ висеше безмалку до последен момент, откако ЕХФ побара депозит од црвено-црните за да игра поради случајот со долговите на старото раководство, иако како правен субјект, актуелниот Вардар е воден под нов Вардар 1961, додека РК Вардар АД и понатаму постои како сопственост на Самсоненко.

Пред стартот на подготовките сепак проблемот беше разрешен откако Михајловски објави дека Самсоненко со 700.000 евра ги подмирил спорните обврски за ЕХФ да даде „зелено светло“ за црвено-црните, кои по три кола во новата сезона имаат две победи и реми.

Русинот од фудбалскиот клуб се откажа летово, откако Вардар пропадна во Втората лига, па клубот заврши со друга сопственичка структура на непознатиот Слободан Крстевски како газда, а Вардар во минатата 2020 година во која беше освоена шампионската титула, а потоа тргна сѐ кон пропаст, пријавена е загуба од 62 милиони денари или 1 милион евра.

Во таа година, буквално фудбалерите играа бесплатно во црвено-црниот дрес, па Самсоненко остана ептен остана должен и од севкупниот долг кој достигна 3,5 милиони евра го исплати само Украинецот Евгениј Новак и тоа откако заврши зимскиот преоден рок.ФК Вардар само на данок кон државата и тоа од 2019 година наваму должи над 700.000 евра од севкупниот долг, кој на примопредавањето на клубот кон новите сопственици беше објавено дека изнесува вкупно 2,4 милиони евра.

Под палката на Самсоненко додека раководеше со Вардар, ракометниот клуб освои две европски титули, а фудбалскиот играше групи во Лига Европа, но сите проблеми почнаа од летото 2018 година кога веќе почна сериозно да се должи на сите страни, а Русинов петпати најавуваше повлекување од клубот и потоа се пишманеше, пред конечно да стави крај на својата ера после седум години раководење прво со ракометниот клуб (2013-2020), а потоа и со фудбалскиот (јануари 2014-август 2021).

Претходно првото „милениче“ на Самсоненко, ЖРК Вардар прв се распадна со повлекувањето на Русинот пред две години, што очигледно беше најава комплетно негово заминување од црвено-црното семејство.