Самсоненко (пак) не си оди од Вардар – најавил брзо средување на состојбите!

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ќе си продолжи со раководењето со ФК Вардар иако на фудбалерите во Анталија пред неполна недела им беше соопштено дека досегашниот газда крева раце од клубот и дека не е во можност повеќе да финансира. Русинот денеска им посакал добра пролетна полусезона на фудбалерите и посочил дека работи проблемот околу финансиите да биде решен во најбрзо време.

Како што дознава „Спорт 1“, на состанокот кој се одржал денеска во тренинг-центарот во Хиподром, Самсоненко не дал јасни гаранции, ниту крајни рокови кога би била почната и завршена исплатата на наталожените долгови, освен дека се работи проблемот да биде разрешен и тоа во што е можно најбрз рок, зашто колку повеќе би се одолговлекувала ситуацијата, толку повеќе ќе виси лиценцата за излез во Европа. Вардар кој е лидер по есенскиот дел, ако ја освои шампионската круна во Македонија, би изгубил 700 илјади евра со ново недобивање на лиценца за настап во ЛШ.

Според информациите од Анталија, пред речиси една недела Самсоненко преку „стројници“ им се обратил на играчите и по петти пат најавил заминување, ама очигледно сето тоа било само за да се направи притисок кон градот Скопје како мнозински акционер да помогне во финансирањето, откако лани неколкупати Русинот јавно бараше помош од државата после големите инвестиции во спортот.

Во изминативе повеќе од година ипол откако „избувна“ финансиската криза во Вардар, имаше само ветувањата кон играчите, а единствената крупна исплата се случи во јануари лани, кога беа исплатени долговите за да не се заработи суспензија од УЕФА, но потоа ФФМ не му даде лиценца на Вардар за излез во Европа.

Останува да се види дали во Вардар навистина има план како да се излезе од кризниот период, зашто првенството стартува за десет дена и не е премногу долг рокот за сметките да се подмират за црвено-црните да обезбедат лиценца, зашто на почетокот од мај секојпат ФФМ објавува кој сè добил „зелено светло“ за настап на меѓународна сцена.

Евентуален неуспех, кој најмалку е посакуван, ќе биде погубен зашто клубот ќе остане без евентуално сериозен приход, а на тој начин играчите нема да ја добијат наградата и нема да излезат на меѓународна сцена, по што талентите и неколкумината поискусни одлични играчи лесно би си заминале од клубот.