Пресметки на првата четворка: Тешко гостување за Шкендија, скопско дерби во Ѓорче

Првата четворка моментно на табелата денеска низ две пресметки ќе го одбележи ова 13-то коло во Првата лига, кое вчера стартуваше со триумф на првакот Вардар против Академија Пандев, па лидерот Шкендија ја чека многу тешко гостување во Струга, додека скопско дерби на Македонија ЃП и Шкупи ќе се игра во Ѓорче Петров, во најинтересните мечеви од 13 часот.

Шкендија, Македонија ЃП и Шкупи се во само два бода на врвот на табелата, а Струга со најдобра гол-разлика од тројката со по 19 бода е четврта, па пресметките на тимовите кои барем засега резултатски се најдобри, треба да дадат нов одговор, кој во завршницата од овој есенски дел има најголем потенцијал за есенската круна, ама и капацитет во мај да се круниса за првак.

Шкендија е лидер, но тетовци се далеку од моќниот тим од минатото, па настапите топло-ладно на тетовци не им донесоа преголема предност, без оглед што се единствени без пораз досега, но од 12-те меча имаат дури пет ремија. Шкендија гостува кај незгодната Струга, после елиминацијата од Купот, а и ремито со Шкупи и тоа кај тим кој скоро два месеци нема пораз (од 3 октомври) и оттогаш има четири меча без пораз и пласман во полуфиналето на Купот.

Дека Шкендија ја чека многу незгоден меч е податокот дека стружани дома немаат пораз уште од март годинава, кога Шкупи им го освои теренот, а тетовци и тоа добро знаат каква тешка задача имаат пред себе, зашто во минатата сезона на единственото гостување кај најмладиот прволигаш загубија со 1-2. Шест победи и реми е серијата на стружани на свој терен во серија.

Македонија ЃП и Шкупи е „мала скопска пресметка“, ама во моментов поради добрата есен на двата тима, вистинско дерби зашто „лавовите“ со бод помалку од Шкендија, а бод повеќе од чаирчани се втори и имаат застрашувачки пет победи во низа, сосе пласманот во полуфиналето на Купот, каде чаирчани нема да играат откако во средата испаднаа од Академија Пандев.

Дека Шкупи го чека многу тешко гостување е податокот дека против „лавовите“ никогаш не се изнаиграле, зашто од 2017 година наваму имаат едвај две победи во девет меча, ама трумф во Ѓорче Петров немаат веќе четири години. Последен пат победија на 2 октомври 2016 година со 1-0. Две ремија со Работнички и Шкендија, двете на гостувањата, е серијата која чаирчани би сакале да ја прекинат денеска за да се вратат на победничкиот колосек, а ова им е нов сериозен испит колкав е капацитетот и потенцијалот на клубот со шампионски амбиции на крајот да стигне до целта и да се круниса за шампион на Македонија.

Во сенка на овие два меча, Ренова со Ќатип Османи ќе бара прекинување на длабоката криза во која се најде летниот европретставник, па во Тетово, „гипсарите“ ќе бараат бодови против многу незгодниот Борец, кој сезонава има добро бодовно салдо, ама игра и добар фудбал. Пелистер на свој терен исто така ќе бара излегување од кризата, но има уште понезгоден ривал во Силекс, кој малку е осоколен после полуфиналето во Купот и елиминацијата на Шкендија, па самодовербата кај кратовци се крена. Работнички ѝ гостува на Беласица во Струмица, во обид и дебармаалци да покажат многу повеќе од досегашното, иако струмичани барем во последниве неколку кола покажаа дека знаат да бидат незгодни и дека не се топовско месо, како што беше стартот на сезоната.

ПРВА ЛИГА, 13-ТО КОЛО (13 ЧАСОТ)

Струга: Струга Трим Лум - Шкендија

Тетово: Ренова – Борец

Битола: Пелистер – Силекс

Струмица: Беласица - Работнички

Ѓорче Петров: Македонија ЃП – Шкупи

ВЧЕРА

Вардар – Академија Пандев 2-0 (0-0)

Цветановски 53, Петковски 84

ТАБЕЛА: Шкендија 26, Македонија ЃП 25, Шкупи 24, Струга ТЛ 19, Борец 19, Вардар 19 (+1), Силекс 14, Работнички 13, Пелистер 12, А. Пандев 10 (+1), Ренова 8, Беласица 8.