Порази за првакот и вицепрвакот на подготовките за Европа

Шампионот Шкупи и вицепрвакот Академија Пандев загубија денеска во контролните мечеви во подготовката за настапот во Европа за десетина дена, во Лигата на шампионите односно Конференциската лига.

Чаирчани кои пред три дена ремизираа со истанбулскиот великан Фенербахче, кој во завршницата од мечот се спасуваше од пораз (2-2), денеска со комбиниран тим загуби од романски Херманштад на последниот контролен меч.

Чаирчани загубија со 0-2 и за нив ова е трет пораз од четирите тестови, трет идентичен со овој резултат, откако претходно загубија од косовскиот првак Балкани, како и од албанскиот шампион Тирана.

Академија Пандев, пак, го запиша вториот пораз во третата контролка откако бугарскиот гигант Левски беше пресилен со триумфот со 3-1 во Софија.

Сашко Пандев во завршницата од мечот го даде единствениот гол за струмичани, откако дотогаш софиските „сини“ им дадоа три гола, за да ја осигураат победата во контролката. Пред овој меч, Академија Пандев со 2-1 го победи Черно Море на подготовките во Банско, а пред заминување доживеаа класичен дебакл во Скопје од косовскиот првак Балкани со поразот со 1-6.

Следен меч на Пандевци е пресметката со ЦСКА 1948, кој треба да биде генералка пред настапот во Европа и двомечот со полска Лехија Гдањск.