Поради концерт на Дино Мерлин, срушен е ѕидот на стадионот во Штип!
Дино Мерлин ќе одржи концерт на 20 септември на стадионот на Брегалница и поради големиот број посетители кои се очекуваат морало да се отстрани и дел од ѕидот во внатрешноста н а стадионот.
„За да може публиката непречено и безбедно да влегува на концертот на Дино Мерлин, Елена Ристеска и Владо Јаневски, Општина Штип сруши ѕид на градскиот стадион. Се очекува концертот кој ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Штипска пастрмалијада“ да го следат од 50.000 до 100.000 посетители. Тие ќе настапат вечерта во сабота на 20 септември.
Бината е поставена на помошното игралиште од страна на автобуската станица во Штип, од каде ќе има два влеза за веќе резервираните штандови, а од спротивната страна на стадионот од кај новата пошта во Штип, каде што е срушен ѕидот, ќе има неколку посебни влезови на кои ќе се врши проверка што се внесува во стадионот од страна на публиката.“, пишува порталот СДК
Инаку, претходно со стадионот во Штип имаше проблем затоа што како што информираше претседателот Масар Омерагиќ платени биле 2.3 милиони евра ,но изведувачот не си ја завршил работата, а го тврдел спротивното.
„Платени се сите обврски на федерацијата во износ од близу 2.3 милиони евра. Рокот за предавање е 31. јули 2025 година. Сепак, тоа што може да се види е тоа што има „мал милион“ недостатоци, а потрошени се многу пари. Реално, вака не може да има примопредавање или технички прием, тука нема дилеми“, изјави во мај Омерагиќ.