
Понеделник е денот „Д“ за Вардар – Катарците сосе долгови го преземаaт клубот?!
Катарците треба в понеделник да ги имаат завршните преговори за инвестирање во Вардар, а според информациите, тие воопшто нема да го чекаат рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко да расчистува со милионските долгови што се направени во фудбалскиот клуб, туку комплетното раководење со црвено-црните би го преземале заедно со наталожениот долг од над три милиони евра.
Се шпекулира дека новиот инвеститор дури и ќе му доплати на Самсоненко, за парите кои рускиот бизнисмен директно ги давал кај играчите, како позајмици. Во сферата на шпекулациите е и инфото дека поради тоа што новите газди ќе ги платат долговите, ги добиваат на управување Академијата на ФК Вардар која е веднаш до скопската Арена, како и тренинг кампот во Хиподром.
Вардар денеска остана без управа после заминувањето на раководниот двоец Самоил Симев, кој беше извршен директор и претседателот на клубот Мирко Спасевски.
Тие во клубот влегоа со преземањето на раководењето на Вардар во јануари 2014 година од страна на Самсоненко, кој во мај годинава објави заминување од клубот. Сега Вардар натоварен со милионски долг и со блокирана сметка, е оставен без раководство, нема ниту тренер откако си замина Александар Васоски, па потребно е брзо и спасоносно решение за да се избегне комплетна пропаст.
Раководството во заминување денеска најави дека Вардар му се враќа на градот Скопје иако градските власти неколкупати посочуваа дека без чиста сметка не го преземаат клубот и затоа евентуалниот влез на Катарците, кои итно би ги исчистиле долговите е решение за да не се случи катаклизма со најголемиот спортски бренд од земјава.
Какви би биле плановите со Вардар ако Катарците го преземат раководењето би било познато потоа, но само ако вардаровите навивачи добијат убави вести дека клубот ќе има ново раководство, па оттаму и дел од фудбалерите (ќе) чекаат евентуална разврска в понеделник, пред да направат некој чекор, а сите тие поради комплетниот хаос се слободни да си заминат.
Инаку денеска после оставката на Симев и на Спасовски, извршниот директор посочи дека овој чекор е меѓудругото и да се сврти вниманието кон спасоносно решение за клубот, најавувајќи и дека Самсоненко е расположен до крајот на месецов да си ги исчистел долговите, кои сепак биле помали од 3,65 милиони евра за колку беше летоска блокирана сметката.
Дури Самсоненко прифатил и да ги подмири долговите и за изминатите шест месеци (есенската полусезона), што не биле негова обврска откако во мај објави заминување и подмирување на долговите заклучно со тој месец, што не се оствари досега.
„Градот Скопје треба итно да реагира, да постави свои луѓе, да најде тренер, се ближи и преодниот рок. Самсоненко е расположен да седне со градските власти и да се утврди висината за долгот, кој изнесува помеѓу 2,4 и 2,5 милиони евра и истата да ја исплати до крај на месецот“, рече Симев.
Најава за исплати на долговите од досегашната управа имаше и лани, кога беше поставен рок, дури и со јавно искажани гаранции дека рускиот бизнисмен ќе го врати клубот на нула, но од сето тоа не излезе ништо и сега останува само надежта дека в понеделник ќе пристигнат најубави вести - дека Вардар експресно ќе се консолидира и дека стравувањата од банкрот и пропаст ќе бидат избегнати.